Кога претседателот Путин на 8 декември ѝ ја врачи на Елизавета Глинка една од најважните награди на Руската Федерација, Државната награда за заштита на човековите права, прочуената лекарка Лиза одржа кус говор, кој не беше воопшто триумфален. „Утре патуваме во Донецк, а потоа во Сирија“, сериозно рече таа. А, потоа додаде дека војната „е пекол на земјата“. „Никогаш не сме сигурни дали ќе се вратиме живи“.
И навистина не се вратија. Авионот Ту-154 во кој доктор Лиза леташе во сирискиот град Латакија со лекови за универзитетската болница, се урна над Црно Море на 25 декември рано наутро. Загинаа сите патници и членови на екипажот.
Смртта на Елизавета Глинка го потресе руското јавно мислење. Добротворите, колегите и познаниците на доктор Лиза пишуваат коментари на Интернет кои се полни со тага и со длабоко почитување. „Таа беше чудо. Таа е како порака од небото која зборува за доблестите“, напиша во некрологот Михаил Федотов, шеф на рускиот Совет за човекови права.
Елизавета Глинка по занимање беше рениматолог. Во осумдесеттите години од минатиот век со својот маж се преселила во САД каде се запознала со палијативата. Во тоа време на постсоветскиот простор грижата за неизлечивите болни била во зародиш. По враќањето од САД доктор Лиза учествувала во работата на московските организации за палијатива. Ја основала првата болница за палијативна нега во Киев. „На секој човек треба да му биде овозможено правото да умре достоинствено и во мир кога ќе дојде време за тоа“, велеше таа.
Глинка во 2007 година ја основаше добротворната организација „Праведна помош“. Фондацијата сè уште функционира, им помага на неизлечиво болните, на старите луѓе, на инвалидите и на бездомниците. Секоја среда соработниците на оваа фондација одат на московските железнички станици каде бесплатно ги прегледуваат, ги хранат и ги лекуваат бездомниците кои не добиваат никаква помош од државата и од општеството.
Илија Питалев / РИА Новости
„Глинка сметаше дека е праведна само онаа помош што се дава секому кому му е потребна“, пишува новинарката Катерина Гордеева која била блиска со доктор Лиза. Докторката и нејзината фондација навистина се обидуваа да им помогнат на сите. Во 2010 година тие собираа помош за луѓето чиј имот беше уништен во шумските пожари, а во 2012 година за оние кои останаа без покрив над главата по поплавата во Кримск. Кога во 2014 година започна војната на истокот од Украина, Глинка не можеше да седи смирена.
Докторката Лиза околу 20 пати заминуваше во зоната на ракетни напади и го ризикуваше својот живот за да ги извлече болните деца од болниците кои беа во самиот центар на борбените дејствија. На тој начин, со помош на Глинка и на нејзините соработници беа евакуирани децата.
Сергеј Пивоваров / РИА Новости
Доктор Лиза не се занимаваше со политика. „Јас не сум на ничија страна, јас сум на страната на слабите и болни деца кои поради некаква причина останале без помош“, изјави таа во интервју за Комерсант FM. Рече и дека сите политичари кои ја предизвикале војната би ги одвела во одделението за реаниматологија каде лежат ранетите деца од Донецк за да им покаже што направиле.
Елизавета Глинка не правеше разлика помеѓу луѓето кои умираат во установите за палијатива, бездомниците и децата од Донбас или од Сирија. Таа се трудеше да му помогне секому и лично да го контролира целиот процес на давање помош. „Таа беше успешна лекарка, жена која сакаше и беше сакана, среќна мајка на три сина. Можеше и да не патува една недела пред Нова година“, пишува Гордеева. Но, за Глинка беше најважно да биде онаму „кадешто на луѓето им е најтешко, кадешто им е потребна помош и каде таа помош е возможна“. Токму затоа таа беше во авионот Ту-154 на кобниот 25 декември.
Доктор Лиза на 8 декември одржа говор по повод наградата што ја доби, и во тој говор ги помина воените стравови и страдањата на децата во Донбас и во Сирија, а исто така ненамерно ја претскажа својата смрт. Сепак, таа својот говор го заврши со зборови на оптимизам: „Уверена сум дека доброто, сочувствувањето и милосрдието се помоќни од секое оружје. Ви благодарам“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче