Се заканува ли ново заострување помеѓу Русија и Турција?

01 декември 2016 Олег Егоров
Реџеп Таип Ердоган изјави дека целта на турската воена операција во Сирија е симнување од власт на Башар ал Асад. Русија, главниот сојузник на сирискиот претседател, засега реагира воздржано на изјавата на турскиот лидер.
Реџеп Таип Ердоган (десно) и Башар Асад
Премиерот на Турција Реџеп Таип Ердоган (десно) и претседателот на Сирија Башар Асад на прес-конференцијата по нивната средба во Истанбул на 7 јуни, 2010. Извор: Reuters

На научниот симпозиум во Истанбул на 29 ноември претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган неочекувано даде изјава кој силно одекна во јавноста: „Дојдовме во Сирија (турската војска се наоѓа на северот од Сирија од август 2016 година) за да ставиме крај на суровиот тиранин Башар ал Асад кој во земјата организираше државен терор“. Веќе на 30 ноември вечерта од администрацијата на Ердоган дојде соопштение за тоа дека зборовите на претседателот не треба да се сфаќаат буквално, но беше доцна – изјавата веќе предизвика реакции.

Изјавата на турскиот лидер привлекоа посебно внимание со оглед на фактот што Русија е еден од главните сојузници на сирискиот претседател Ал Асад. Односите на двете земји сè уште се во процес на „санација“ по инцидентот од 24 ноември 2015 година кога Турција го собори рускиот бомбардер Су-24, а сега веќе се заканува нов судир поврзан со Сирија.

Реакција за смртта на турските војници

Ердоган за првпат ја спомена борбата против Ал Асад. Претходно секогаш нагласуваше дека Турција во Сирија се бори против ИДИЛ. Неговиот ненадеен испад можеби е последица на неодамнешното загинување на тројца турски војници на северот од Сирија, со оглед на претпоставката дека тие ги изгубија животите во артилериски напад на сириската војска, смета Јуриј Мавашев, раководител на политичкото одделение на Центарот за проучување на современа Турција.

Турските војници загинаа во артилериски напад на подрачјето на градот Ел Баб на северот од Сирија, и тоа на 24 ноември, на годишнината од нападот на турската авијација на рускиот авион Су-24. Русија соопшти дека не е вмешана во овој инцидент, а официјален Дамаск мочи. Според Мавашев, за загинувањето на своите војници Турција ја обвинува Сирија, а изјавата на Ердоган е поврзана со ова обвинување. „Ердоган во очите на своите приврзаници не може да го премолчи тој инцидент. Тој сака да ги увери дека сè оди според планот и дека Турција нема да се откаже од своите ставови во врска со Сирија“, објаснува Мавашев за “Руска реч на македонски“.

Милитантна реторика и „нервен слом“

Постојат и други верзии за причините кои го навеле турскиот претседател да го спомене симнувањето на Башар ал Асад. На пример, Владимир Аватков, директор на Центарот за ориентални истражувања, истакнува дека со помош на милитантната реторика Ердоган сака да го збие редовите во своето опкружување и истовремено да изврши притисок врз Русија и Иран како сојузници на Ал Асад, сакајќи да ги поттикне на определени отстапки во врска со сириското прашање, смета Аватков.

Туркологот Виктор Надеин-Раевски, водечки научен соработник на Институтот за светска економија и меѓународни односи при Руската академија на науките, за „Руска реч на македонски“ изјави: „Јас оваа изјава би ја окарактеризирал како нервен слом на Ердоган, како негова жолчна реакција. Тој е импулсивен човек“. Според Надеин-Раевски, Ердоган можеле да го иритираат најновите успеси на сириската армија во Алепо, каде бунтовниците што ги поддржува Турција ја губат битката.

Ќе војува ли Турција против Сирија?

Владимир Аватков потсетува дека Ердоган и пред изјавата од 29 ноември го критикуваше Ал Асад. „Турција од почетокот на конфликтот се залага за трансформација на власта во Сирија“, вели експертот за „Руска реч на македонски“. „Таа беше една од првите земји кои го изнесоа ставот за тоа дека Ал Асад е наводно диктатор и дека мора да замине“. Според тоа, изјавата на Ердоган не се коси со политиката која тој инаку ја спроведува, дотолку повеќе што сега сириската и турската армија опасно се приближија една кон друга на северот од Сирија.

Од друга страна, Јуриј Мавашев се сомнева дека Сирија и Турција сериозно ќе влезат во војна. „Дамаск нема доволно потенцијал за војување против толку силен противник како што е турската армија, но и Турците нема истовремено да војуваат против ИДИЛ, против Курдите и против Дамаск“, истакнува експертот. Според него, можни се само локални судири, но не и голема војна.

Реакција на Русија

Руските официјални претставници реагираа воздржано на изјавата на Ердоган. Портпаролката на Министерството за надворешни работи Марија Захарова нагласи дека оваа изјава не била упатена кон јавноста и се воздржа од коментари. Портпаролот на Путин Дмитриј Песков рече дека тоа оваа „сериозна“ изјава е „нешто ново“ и дека тоа треба да се разгледа. Сепак, и тој се воздржа од критики, нагласувајќи дека Путин и Ердоган се „во мошне интензивни контакти полни со доверба“.

Турколозите истакнуваат дека помеѓу Русија и Турција постои определен договор во врска со Сирија. „Русија ја поддржува војската на Ал Асад на подрачјето на Алепо, а Турција дејствува против ИДИЛ и Курдите во пограничниот појас, и двете страни се трудат да не навлезат во туѓата „зона на одговорност“. „Ердоган не би требало да излезе од рамките на овој договор, иако е забележлива неговата желба да го стори тоа“, смета Виктор Надеин-Раевски, но истовремено наведува дека однесувањето на турскиот лидер понекогаш е тешко да се предвиди.

Според Јуриј Мавашев, во препукувањето помеѓу Дамаск и Анкара Москва ќе се потруди да се воздржи од остри изјави и дејствија. „Русија ќе ја зачува надворешната неутралност и попрво ќе води преговори зад кулиси, како со едната, така и со другата страна“, вели Мавашев.

 

Авторските права на материјалите се во сопственост на редакцијата. При објавувањето на материјали од порталот „Руска реч на македонски“ во друг медиум, задолжително треба да се постави активен линк кон страницата од која е преземен текстот.
+
Лајкнете нѐ на Фејсбук.