Новинар покажува кон портретот на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, со портрет на рускиот претседател Владимир Путин во текот на преносот од претседателските избори во САД во пабот „Унион Џек“ во Москва, Русија. 9 Ноември, 2016.
APБројот на граѓаните на Русија кои се заинтересирани за подобрување на односите со земјите од Западот е близу до историскиот максимум, пишува РБК, повикувајќи се на тврдењето на невладината организација „Левада-центар“ која во Русија има статус на странски агент, со оглед на тоа дека се занимава со политичка дејност за пари добиени од странство.
Споменатата НВО тврди дека 71% од нејзините испитаници се изјасниле за проширување на политичките, културните и економските врски со земјите од Западот. Овој податок е близу до историскиот максимум кој беше забележан во 2000 година. Тогаш 76% од испитаниците на „Левада-центар“ го поддржа зближувањето на Русија со земјите од Западот.
Напоредно со опаѓањето на негативниот став кон САД и кон ЕУ расте заинтересираноста за зближување со западните земји. Според податоците од споменатата анкета 54% од испитаниците имаат негативен став кон ЕУ, а 56% кон САД (за споредба, пред два месеци негативниот став кон САД изнесуваше 64%).
Судејќи според податоците што ги изнесува споменатата невладина организација, нагорна линија на скептицизмот кон развојот на односите со западните земји е забележан во ноември 2014 година. Тогаш за продлабочување на врските со земјите од Западот се изјаснија помалку од 60% од испитаниците, додека апсолутниот минимум беше забележан во јули 2015 година, кога само 50% од испитаниците на „Левада-центар“ беа за проширување на врските со Западот, додека 37% беа за намалување на врските, а останатите не можеа да се решат за еден од двата понудени одговори.
„Позитивниот напредок во расположението кон САД и кон ЕУ е поврзан со сè поголемата подготвеност за сојузнички односи со земјите од Западот и со ублажувањето на антизападната реторика во руските државни медиуми“, смета младиот политиколог Михаил Комин. Тој меѓу поволните фактори за опаѓањето на антизападната реторика ги вбројува изборот на Доналд Трамп за нов претседател на САД, како и победата на Игор Додон на претседателските избори во Молдавија и на Франсоа Фион на внатрепартиските избори на републиканците во Франција, како и низа слични настани.
„Руските медиуми активно ги пласираат проруските сфаќања на овие политичари, што, секако, се одразува и врз расположението на граѓаните кон земјите од Западот“, вели Комин.
Пратениците од Државната дума со аплауз ја дочекаа веста за победата на Трамп, а лидерот на опозициската парламентарна Либерално-демократска партија на Русија (ЛДПР) Владимир Жириновски дури и организираше банкет во чест на новоизбраниот претседател на САД. Главниот уредник на RT Маргарита Симоњан на Твитер напиша: „Денес ќе го истакнам американското знаме низ прозорецот на колата и така ќе се возам низ Москва. Доколку најдам американско знаме. Придружете ми се. Тие го заслужија тоа денес“.
Според податоците од анкетата на „Левада-центар“ над половината од испитаниците очекуваат дека руско-американските односи ќе се подобрат по победата на Трамп.
Определени експерти ја наведуваат и „замореноста на граѓаните на Русија од потрагата по непријатели“ како фактор за опаѓање на антизападното расположение. „Тешко е постојано да се живее во непријателско опкружување и да се очекува напад. Поради тоа мнозинството население навистина би сакало да дојде до подобрување на односите со западните земји, тие односи да бидат предвидливи и да се намали тензијата“, вели Комин. Од друга страна, тој истакнува дека во свеста на граѓаните на Русија сепак и понатаму постои претстава за Западот како за долгорочен опонент на Русија. „Граѓаните на Русија го доживуваат сојузот со Западот како помало зло, како изнудено дружење, кога е подобро со насмевка да се набљудува неблагонаклонет човек, но сепак постојано да се биде внимателен“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче