Емиграција од Русија: претерани ли се стравувањата?

Семејство се качува во возот Аероекспрес на станицата Павелецки. 10 декември 2015, Москва, Русија.

Семејство се качува во возот Аероекспрес на станицата Павелецки. 10 декември 2015, Москва, Русија.

Артјом Геодакјан / ТАСС
Авторите на неодамна спроведено истражување тврдат дека во последниве години емиграцијата од Русија расте, стекнувајќи „опасен карактер“ за земјата. Дали навистина е така? „Руска реч на македонски“ се обиде да дознае за сериозноста на проблемот со Русите кои заминуваат од земјата, со тоа што Русија, како и досега, останува центар кој привлекува милиони граѓани од соседните земји - републики од поранешниот СССР.

Експертите на Комитетот за граѓански иницијативи (КГИ), либерален истражувачки центар, предводен од поранешниот министер за финансии Алексеј Кудрин, подготвија извештај за емиграцијата од Русија. Во него тие тврдат дека во последните пет години бројот на емигрираните од Русија значително е зголемен. Според изнесените податоци, станува збор за 500-600 илјади луѓе, кои за овој период емигрирале од Русија во земјите од Западна Европа, САД и Израел. Бидејќи во повеќето случаи станува збор за луѓе кои се добро образовани, тогаш Русија се соочува со сериозни „загуби на демографски, социоекономски и интелектуален капитал“.

Во истражувањето на експертите од КГИ се критикува официјалната статистика и се тврди дека официјалните бројки за емиграцијата се намалени 3-4 пати. Во експертската јавност не се многу оние кои го оспоруваат фактот дека статистиката оперира со намалени податоци за напуштањата на земјата, наведувајќи ја како причина за тоа комплексноста на пописот на емигрантите. Во исто време стручњаците обрнуваат внимание на тоа дека иако официјалната статистика не е многу точна, таа сепак ја одразува динамиката на емиграцијата. Тоа е веродостоен факт. „Статистиката сепак ја фиксира ако не големината, тогаш барем динамиката [на овој процес]“, вели за „Руска реч на македонски“ Владимир Мукомел, директор на Центарот за етнополитички и регионални истражувања на Институтот за социологија при Руската академија на науките.

„Не постои голем проблем“

Проблематичноста на заклучок на експертите се состои во тоа дека во моментов не е можно да се добијат некои прецизни бројки во однос на емиграцијата. „За никого не е сигурно јасно колку луѓе емигрираат од Русија“, убедена е Викторија Ледењова, директор на Центарот за проучување на миграциската политика при претседателската академија РАНХиГС.

Но, сепак никој од експертите не ја сфаќа драматично ситуацијата со зголемувањето на емиграцијата. Според зборовите на Ледењова тука нема голем проблем. Како доказ за своите зборови аналитичарот цитира податоци од социолошкото истражување спроведено од нејзината академија минатата година. Излегува дека само 1.5% од испитаниците планираат да заминат засекогаш (при тоа во 2013 година нивниот удел бил два пати поголем – 3.2%). Околу 6% се оние кои би заминале, но немаат таква можност. На овој начин, резимира експертот, оние кои планираат да емигрираат од Русија се само 7-8%. Во извештајот на КГИ, меѓу другото, процентот на луѓето со „високи миграциски ставови“ се оценува во опсег од 8 до 23%.

Мукомел е на мислење дека само во однос на еден сегмент од руското општество, млади, или барем за дел од неа, може да се зборува за пораст на „миграциските ставови“. Ова е предизвикано од претставите на младите за недоволна социјална правда во руското општество и недостатокот на перспективи за личен развој, бидејќи тие се на мислење дека т.н. „социјални лифтови“ не работат добро.

Не само младината

Но, миграциските ставови не се карактеристични само за дел од младите. Ледењова е на мислење дека меѓу оние што заминуваат, макар и да е тешко да се процени нивниот број, всушност има и добро образовани луѓе на возраст 30-45 години. Тие ја напуштаат Русија главно поради социоекономски причини: незадоволство од ниските плати, високите даноци и корупцијата. Економската криза од последниве години, исто така одигра одредена улога. При тоа експертот нагласува и обратна тренд - во последниве години во Русија почнаа да се враќаат оние кои ја напуштија земјата по распадот на СССР во почетокот на деведесеттите години од минатиот век.

Руските емигранти ги избираат главно земјите од Западна Европа (особено популарна е Германија), САД, Израел. Експертите наведуваат дека на овие традиционални за руската емиграција правци се приклучиле земји кои до неодамна беа егзотични за Русите - Австралија и Нов Зеланд.

Кој доаѓа во Русија?

Русија го зазема третото место во светот по бројот на мигранти. Во овој момент во Русија живеат постојано, според податоците на ОН, 11.6 милиони мигранти.

Според процените на Владимир Мукомел овие податоци се точни само делумно. Според него 11.6 милиони ги вклучува сите странци кои во моментот се наоѓаат во Русија: и туристите, и оние кои минуваат низ земјата транзит. Неговите податоци покажуваат дека од нив работни мигранти се 6.5 милиони плус-минус 500 илјади луѓе.

Главно тоа се луѓе од три републики на поранешниот СССР: Узбекистан, Таџикистан и Киргистан (нивниот удел е над 70% од доселените во Русија). Меѓу мигрантите има исто така и многу Украинци. Ледењова забележува дека во Русија активно се населиле исто така Молдавци и луѓе од земјите на Југоисточна Азија, на пример од Виетнам.

Главно тоа се луѓе без високо образование, но би било погрешно да се сметаат за целосно неписмени, само затоа што во поголем дел тие се занимаваат со неквалификуван труд. Како што се гледа од истражувањето спроведено од специјалистите на ВШЕ, околу 17% од мигрантите имаат високо образование. Една четвртина се со средно специјално или средно стручно образование. Возраста на 75% од нив е до 40 години.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња