Зошто руското општество не е подготвено да ги прими бегалците?

Работници и волонтери на Министерството за вонредни состојби на Русија пречекуваат украински бегалци на железничката станица во Омск.

Работници и волонтери на Министерството за вонредни состојби на Русија пречекуваат украински бегалци на железничката станица во Омск.

Алексеј Малгавко / РИА „Новости“
33% од Русите се подготвени да прифатат во земјата бегалци и само 1% се подготвени да ги сместат во својот дом, се вели во извештај на „Амнести Интернешнал“ (Amnesty International).

Фаиз (името е променето) избегал од својата родна Сирија пред две години. Пристигнал во Русија со туристичка виза. Кога визата му истекла, побарал азил, но бил одбиен. Фаиз кој владее руски јазик, имал проблеми и со наоѓање работа. Никој не сакал да вработува „поинаков“ - израснат во друга културна средина, зборува на руски со силен акцент.

„Русија не ме прими. Не зборувам само за одбивањето за азил. Зборувам воопшто за руското општество. Луѓето гледаа на мене како на странец. Одбиваа да ми дадат живеалиште или пак бараа суми, три пати повисоки од пазарните цени - се сеќава Фаиз. - Многу луѓе ми велеа: Што бараш тука? Заминувај назад! Но, не сакам да се враќам. Сакам само едно - мирен и спокоен живот“.

Историјата на Фаиз е показател. Според извештајот на Amnesty International „Оценка на лојалноста кон бегалците“, Русите имаат највисока нетрпеливост спрема бегалците. Дури 33% од анкетираните Руси одговараат дека се подготвени да примат во својата земја луѓе што избегале од војни и прогони. Само 1% од нив се подготвени да прифатат бегалци во својот дом. Во рејтингот на лојалноста спрема бегалците Русите се покажаа со највисока нетрпеливост во светот.

Различен однос кон бегалците од Сирија и од Украина

Галина Негрустуева, советник за информатички прашања во ВКБ ОН (Високиот комесаријат на ОН за бегалци) (Communications / PI Associate) го поврзува ова делумно со активната пропаганда во руските медиуми, објавена за проблемите на Европа, предизвикани од бегалците. „Секој ден насекаде ни зборуваат и ни покажуваат дека бегалците претставуваат нешто лошо, дека многу од нив се криминалци и терористи, дека одат во Европа за да живеат лесен живот и да добиваат повисоки надоместоци. Како сакате по целата таа пропаганда Русите да се однесуваат со толеранција кон бегалците?“, Вели Негрустуева.

Друго прашање е односот на Русите кон бегалците од Украина, кои се поврзани со Русија со заедничко културно и историско минато.

Игор Солоденко, бегалец од Југоисточна Украина, пристигнал во Москва пред 2 години. На почетокот работел како курир, потоа како обезбедување. Солоденко со благодарност се сеќава за Русинката, во чиј продавница тој работел: „Таа ми помогна со храна и сместување. Многу сум ѝ благодарен. Воопшто, тука луѓето се многу приемчиви, иако бирократијата си е бирократија“.

Анастасија Јаримоха, која побегнала од Донецк, го споделува своето искуство: „Во основа односот кон нас насекаде беше многу добар. Ако се однесуваш како нормален, културен човек, сите се однесуваат позитивно и се подготвени да ти излезат пресрет. Тука ни се роди дете, многу локални жители ни помогнаа со детски предмети и со различни садови“.

Русите гледаат различно на бегалците од Украина и на бегалците од Блискиот Исток и од Африка.

„Бегалците од Југоисточна Украина во големо мнозинство се етнички Руси. Надворешно тие по ништо не се разликуваат. Никој не ги запира на улицата. А, и изливот на патриотски чувства во општеството во пролетта 2014 година, исто така, одигра своја улога. Мнозинството Руси се однесуваат со толеранција кон Украинците и се подготвени да им помогнат“, вели Светлана Ганушкина, претседател на комитетот „Граѓанска помош“, хуманитарна организација која обезбедува правна помош на бегалците и принудните емигранти.

Причината не е во ксенофобијата, ами во невработеноста

Михаил Черниш, доктор на социолошките науки од Институтот за социологија при Руската академија на науките, смета дека нетрпеливоста на Русите кон бегалците е поврзана со економската криза и со стравувањата дека бегалците можат да им ги одземат работните места.

„Во Русија приливот на мигранти и бегалци предизвикува масовни отпуштања. За работодавецот е многу поевтино да ангажира илегален бегалец отколку локален жител. Проблемот не е во самите бегалци. Проблемот е во системот: нема ефикасни синдикати, правата на работниците не се бранат“, истакнува експертот.

За тоа зборува и искуството на Анастасија Јаримоха од Донецк: „Една жена во возот откако го слушна разговорот со мојот сопруг и кога дозна дека сме од Украина, ни рече дека ние ги срамиме и им ги одзема работата на Русите.

При тоа, според Михаил Черниш не може да се зборува дека за руското општество е карактеристична ксенофобијата. „Русија е мултинационална земја. Речиси сите од раното детство се опколени од луѓе од различни националности и вери. Тука воопшто не станува збор за ксенофобија“.

Според податоци од претставниците на ВКБ на ОН во Руската Федерација, во моментов 316.594 лица се со статус на бегалци или лица кои бараат азил. Поголемиот дел од нив дошле од Украина (312.504). Статусот „бегалец“ овозможува да се работи без дополнителна дозвола, патент или квота и да се добива пензија. Статусот нема рок, но лицата со ваков статус треба редовно повторно да се регистрираат кај миграциските органи, по правило, еднаш на две години. Според податоците на комитетот „Граѓанска помош“ во овој момент само двајца државјани од Сирија добиле во Русија статус на бегалец.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња