7 руски народни гестови

Kарикатура: Татјана Перелигина

Kарикатура: Татјана Перелигина

Зошто Русите ја кинат кошулата на градите, фрлаат капата на земја и покажуваат шипинки и „козји рогови“? Да го дешифрираме рускиот народен јазик на гестови.

Чешање на темето 

Русите го чешаат темето кога се чудат. Од која причина? Секако дека тоа не го прават за да го стимулираат крвотокот во мозокот. Една од верзиите вели дека овој гест потекнува од народната магија. Така, имено, предците повикувале на помош некој далечен предок, дух на народот. 

Кинење кошула на градите 


На почетокот ова претставувало импровизирана заклетва. Постои претпоставка дека предците со ваквиот експресивен гест ја покажувале својата припадност кон православната вера, покажувајќи го крстот на градите. Познато е дека за време на погубувањата и на телесните казни џелатите им го кинеле на казнетите горниот дел од кошулите, а доброволното кинење на облеката бил аргумент кој требал да ги убеди присутните во подготвеноста на личноста да страда за вистината. 

Фрлање капа на земја 


Со овој експресивен гест се артикулира некаква очајничка одлука. Капата кај рускиот народ за мажите (како и брадата) била симбол на достоинство и на интегрираност во заедницата. Јавното симнување капа се доживувало како голем срам, како некој вид „граѓанско погубување“. Обично ваквата процедура им била приредувана на должниците. Од друга страна, доброволното фрлање на капата на земја имала за цел да ја покаже подготвеноста на нејзиниот сопственик без размислување да се впушти во голем ризик, толку голем што во случај на неуспех, човекот би можел да биде исклучен од заедницата. 

Удирање в гради 


Овој гест според една од верзиите потекнува од војничката традиција на номадските народи, а во Стара Русија го донеле Татарите и Монголците. Така тие полагале заклетва пред својот господар. Удирањето со тупаница во градите било знак на преданост. 

„Козји рогови“ 


Овој гест погрешно се доведува во врска со криминалните кругови или со поклониците на „металот“. „Козјите рогови“ всушност веќе неколку илјади години се поврзани со заштитата од црна магија, од злите духови. Постарите генерации веројатно сè уште ја паметат песната „Иде коза рогата со јаренца малечки“, што возрасните им ја пееле на децата покажувајќи им дека козата боде и прикажувајќи ги козјите рокчиња со помош на малиот прст и на показалецот од десната рака. Ова не е обична игра. Така далечните предци ги симнувале уроците од децата. Интересно е и тоа што на некои православни икони можат да се видат Исус Христос и светците со испружени мал прст и показалец. 

Шипинки 


Овој гест е карактеристичен за многу култури. Се користел како заштитно средство од нечистите сили. Во Стара Русија луѓето веројатно за шипинките дознаел од германските дојденци кои со ваквиот вулгарен гест се обидувале да ги соблазнат руските госпоѓици. На руски јазик за овој гест постои израз „фига“, кој според една од верзиите настанал од германскиот израз „fick-fick machen“ (ова бил вообичаен германски повик за интимна блискост). Симболот на овој гест во руската традиција се трансформирал во ознака за категорично одбивање предлог. 

Удирање со прстот по вратот


Овој гест потекнува од руската крчмарска традиција, со кој се изразувал фразеологизмот „да се стави за јаката“(рус. „заложить за воротник“ – да се накити), а кој бил раширен во 19 и во почетокот на 20 век. Овој израз се појавил во офицерските кругови, а го измислил извесен полковник Раевски, „брбливец и потсмешливец“. Кружат приказни дека тој има измислено и друга „крчмарска“ фраза: „под гас“(рус. „подшофе“). Интересно дека овој гест го имаат преземено и продавачите на жестоки пијалаци на црно за време на прохибицијата која Николај Втори ја вовел во 1914 година во Руската Империја. 

Рускиот текст на порталот russian7.ru.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња