Руски пилоти примаат рапорт за подготвеност од командирот за механика пред полетување во базата Хмејмим во Сирија.
Дмитри Виноградов / РИА НовостиРуските власти ветија дека видеото со закани од ИДИЛ (организација која е забранета во земјата) ќе ја проучуваат специјалисти. „Прочитав вест за ова видео, но го немам видено, не знам дали ова видео е автентично, не знам дали се автентични изворите, - изјави портпаролот на претседателот Дмитриј Песков за новинарите. -Но, во секој случај, не се сомневам дека овие материјали треба да ги разгледаат нашите специјални служби“.
Заканите од ИДИЛ се поврзани со тоа што Русија продолжува да ги бомбардира позициите на бунтовниците, појасни Георгиј Мирски, доктор на историски науки, главен научен соработник при Институтот за светска економија и за меѓународни односи (ИМЕМО) на Руската академија на науките.
ИДИЛ си создаде своја држава пред една година, прогласи халифат, се стави во позиција против ирачката и сириската влада. Сега тие контролираат половина од територијата на Ирак и речиси половина од територијата на Сирија, објаснува експертот. „Додека тие водеа борба и ја консолидираа својата држава, ИДИЛ немаше мака со Русија. Ова се измени по бомбардирањата. Сега тие се многу повеќе против нас, одошто се против Американците и Англичаните“, вели Мирски.
Русија стана заложник на политичката ситуација, смета претседателот на меѓународната асоцијација на ветерани од одделот за борба против тероризмот „Алфа“ Сергеј Гончаров. „Медиумите на Запад јасно и гласно поставуваат една позиција: Русија е главниот непријател на ИДИЛ, - вели експертот за 'Руска реч на македонски'. -Во моментов треба да имаме сериозен однос кон заканите на ИДИЛ и, сметам, дека нашите специјални служби го сфаќаат ова“.
Како што вели „Левада-центарот“, Русите се сериозно исплашени од можноста за терористички напади: 48% се плашат дека тоа може да се случи во земјата во блиска иднина. Ова истражување е спроведено во периодот од 23 до 26 октомври, неколку дена пред паѓањето на Ербасот А321 во Египет, за што се смета дека една од верзиите би можел да биде терористички напад.
Според Георгиј Мирски за ефикасна борба со терористичките закани руските органи за безбедност треба да имаат подготовка и квалификации како израелската полиција. „Тие имаат долгогодишно искуство со терористички напади, - подвлече политикологот. -Освен тоа потребни се луѓе кои ќе се посветат на борбата со тероризмот, кои ќе навлезат во организациите како што е ИДИЛ, со цел да дознаат каде се наоѓаат и како работат. Главно прашање е дали нашите водачи ќе можат да го постигнат ова“.
Претседателот на меѓународната асоцијација на ветерани од одделот за борба против тероризмот „Алфа“ Сергеј Гончаров смета дека Русија поседува сериозен оперативно-агентски апарат. „Тој не секогаш функционира, но постои гаранција дека ние можеме да контролираме нешто на нашата територија. Во странство тоа е проблематично“, вели експертот.
Според Сергеј Гончаров, Русија треба да осигури безбедност на чартерите на кои летаат само руски државјани. „Специјалните служби треба да вршат своја проверка. Без тоа не можеме да им гарантираме на нашите државјани безбедност, - подвлекува експертот. –Во секоја европска земја исламистите имаат свое влијание. Никој не може да даде гаранција дека некој од вработените на аеродромот нема да внесе бомба во авионот“.
Сепак, Гончаров смета дека е погрешна желбата на Државната дума по забраната за летови во Египет, за руските државјани да воведе ограничувања на патувањата во Турција и во Тунис. „Поради тоа можеме да станеме отпадници и фактички да спуштиме нова железна завеса. Ова е неправилна позиција“, заклучува експертот.
На 12 ноември терористите од организацијата „Исламска држава“ која е забранета во Русија, на Интернет објавија музичко видео со наслов „Скоро, многу скоро“ на руски јазик, во кое ѝ се закануваат на Русија со терористички напади.
Видеоклипот кој трае речиси 5 минути е составен од инсерти од сурови убиства на заложници на ИДИЛ, а исто така и од воени операции на терористите. Видеото е синхронизирано на чист руски јазик без акцент. На него се појавуваат пејзажи на Москва, централната џамија Кул-Шариф во Казањ и други слики од овој град. Во песната постојано се повторува фразата „скоро, многу скоро“, која го дополнува секое ветување на терористите.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче