Што ако Турците и Саудијците ја нападнат Сирија?

AP
Руското министерство за одбрана смета дека Турција подготвува воена интервенција на територијата на Сирија. Според информациите од медиумите, и Саудиска Арабија може да испрати илјада припадници на специјалните единици во Сирија. „Руска реч на македонски“ ја анализира можната реакција на рускиот воен врв на ваквиот чекор на Анкара и на Ријад.

Рускиот воен експерт Виктор Мураховски, главен уредник на списанието „Арсенал отечества“, и Михаил Александров, водечки експерт на Центарот за военополитички истражувања при Московскиот државен универзитет за меѓународни односи, за „Руска реч на македонски“ го изнесоа своето видување за можните одговори на Русија на упадот на Турците и Саудијците во Сирија.

На Саудијците во логистичка смисла нема да им биде толку едноставно да испратат трупи во Сирија, зашто Саудиска Арабија не се граничи со неа. Во оваа смисла Ријад има две варијанти. Едната е да обезбеди премин на трупите низ Ирак, а од друга да ги испрати во Сирија од Турција.

Но, ирачкиот коридор може да биде проблематичен за Ријад, зашто претходно, кога помали одреди на саудиската армија навлегуваа на ирачка територија, официјален Багдад на тоа реагираше мошне негативно, тврдејќи дека станува збор за агресија. Во овој контекст втората варијанта, односно испраќање трупи преку Турција, изгледа како поверојатна. Ова дотолку повеќе што во материјалите кои ги објавува Гардијан, посветени на плановите на Саудијците, се зборува за нивна подготвеност да ги координираат своите чекори со Анкара.

Прва варијанта – руски падобраници на границата помеѓу Сирија и Турција

Како што укажуваат експертите, за префрлање неколку илјади припадници на специјалните единици од Саудиска Арабија во Турција за воена интервенција во Сирија потребна е сериозна подготовка, и во тој случај е неопходно на целата територија на Турција да се постават воени единици. Ова не може да се изведе незабележано, а и би одзело време. Очигледно е дека силите на претседателот Башар ал Асад за двапати ги зголемија напорите кои веќе се вложуваат за блокирање на сириско-турската граница и да ја спречат интервенцијата.

Доколку Сиријците сепак не стасаат да ја затворат границата, Русија може да помогне со префрлање десантни падобрански дивизии, смета Михаил Александров. Во целост гледано, експертите сметаат дека саудиската интервенција не изгледа како нешто остварливо, додека на упадот на турските трупи не може во целост да се исклучи, уште повеќе што турските единици претходно веќе влегоа на северот од Ирак, во областа каде што живеат Курди.

Втора варијанта – помош во обука на војска и испорака на вооружување

Ова сценарио е најневеројатно, зашто Курдите кои тежат кон автономија со децении ѝ создаваат главоболка на Турција. Доколку турската војска влезе во курдските области, руските трупи најверојатно нема да влезат во директен судир со Турците, но затоа е можно Русите да им помогнат на Курдите во обука на војници и во испорака на вооружување. Сириските и турските трупи ќе стојат на линијата на разграничувањето, додека во курдските области на Сирија ќе се водат жестоки борби помеѓу курдските доброволци и турската армија. Експертите истакнуваат колку е важно што Турците повеќе не можат да го заземат Алепо на северот од земјата, во близина на сириско-турската граница, зашто регуларната сириска армија веќе го зазема градот. Поради тоа можностите за напредување на турските трупи во овој правец се мошне ограничени.

Трета варијанта – директен судир со руската авијација

Доколку турската армија не се задоволи само со областите во кои живеат Курдите и влезе на територијата што ја контролираат сириските трупи, можни се директни судири со Русите, односно во воздушно-космичките сили на Руската Федерација. Русија може да им даде на Сиријците поддршка од воздух. Од друга страна, борбата против руската авијција значи објавување војна, и во тој случај може да се замисли ситуација во која Руската Федерација веќе започнува да ја бомбардира територијата на Турција. Со оглед дека станува збор за конфликт со членка на НАТО, во овој случај понатамошниот тек на настаните би бил непредвидлив. Експертите сметаат дека ваквиот развој на настаните е најмалку веројатен.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња