По соборувањето на Су-24 Русија воведе рестриктивни економски мерки против Турција.
APРусија воведе економски санкции за Турција. Указот на 28 ноември 2015 година го потпиша рускиот претседател Владимир Путин, соопшти службата за односи со јавноста на шефот на државата. Конкретно, од 1 јануари 2016 година руските компании нема да можат да вработуваат државјани на Турција и ќе биде укинат безвизниот режим помеѓу двете земји. Згора на тоа, во блика иднина руските власти ќе забранат ангажирање турски производители во реализацијата на државни работи, со тоа што владата на РФ треба да одлучи на кои гранки ќе се однесува оваа забрана.
Според официјалните податоци од Заводот за статистика на Руската Федерација (Росстат), Турција е петти по големина трговски партнер на Русија. Размената на стоки помеѓу двете држави во 2014 година изнесувал 31 милијарда американски долари, а за девет месеци од 2015 година овој број изнесува 18.1 милијарда. Притоа Русија главно продава стоки во Турција, а многу помалку увезува. Во 2015 година во Русија е увезено турска стока во вредност од нешто повеќе од 3 милијарди американски долари. Се очекува дека вкупниот обем на размената на стока за 2015 година ќе изнесува некаде помеѓу 23 и 25 милијарди американски долари, со тоа што поголемиот дел од оваа сума, некаде околу 20 милијарди, се однесува на рускиот извоз, додека вредноста на увозот е само 4 до 5 милијарди американски долари, вели Александар Кнобељ, директор на Центарот за проучување на меѓународната трговија при Руската академија за народно стопанство и државна администрација.
Од Русија во Турција најмногу се извезува жито и гас и за овие производи засега не се планирани никакви ограничувања. Рускиот гасен монопол Гаспром во 2014 година ѝ испорача на Турција 27.3 милијарди кубни метри гас. По увозот на рускиот гас во Турција е на второто место, веднаш зад Германија. Од друга страна, за десет месеци од 2015 година, Турција има извезено во Русија стока вредна една милијарда американски долари. Најмногу се извезени домати и агруми. Овие два вида стока сочинуваат половина од турскиот извоз во Русија. Според Александар Кнобељ, тешко дека Русија ќе го ограничи увозот на зеленчук наспроти новогодишните празници. Според него, наместо тоа најверојатно ќе биде заострена санитарната контрола.
Други големи ставки на турскиот извоз во Русија се ткаенините и текстилот. Многу руски продавачи на облека и обувки го нарачуваат производството на својата стока во турските фабрики. Според податоците на рускиот Завод за статистика, за девет месеци од 2015 година од Турција во Русија се увезени ткаенини и производи од текстил во вредност од речиси 514 милиони американски долари, и обувки во вредност од околу 48 милиони американски долари. Доколку бидат воведени санкции во овој сектор, турската стока ќе може да се увезува во Русија преку Белорусија, претпоставува генералниот директор на компанијата Маркетолог Ољга Жиљцова.
Поради воведувањето на руските санкции не е исклучена можноста рускиот пазар да го напуштат турските градежни фирми. „Во сегментот на недвижности, пред сè на комерцијални недвижности, ангажирани се голем број турски компании и не ја исклучуваме можноста дека еден дел од нив можат да се откажат од реализацијата на големи проекти во нашата земја. Сега е разнишана довербата во нив како партнери“, изјави за агенцијата РБК министерот за градежништво на Русија Михаил Мењ.
сè на сè, според експертите, тешко дека размената на стока помеѓу двете земји ќе се намали за повеќе од 50%. „Не мислам дека во 2016 година размената на стоки ќе се намали дури ни за 50%“, смета Александар Кнобељ. За волја на вистината, според него, најголеми загуби може да има од нереализирањето на идните проекти. Како што претходно изјави претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган, до 2020 година размената на стоки со Русија може да достигне 100 милијарди американски долари. Ваквите прогнози во најголема мера се засновуваа на можноста за реализација на големи меѓудржавни проекти како што се гасоводот Турски тек и нуклеарната електрана Аку, од кои, според моменталната ситуација, ќе се откажат, додава Кнобељ.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче