Сирија како лакмус за руско-турските односи

Владимир Путин и Реџеп Ердоган на средба во Кремљ во Москва.

Владимир Путин и Реџеп Ердоган на средба во Кремљ во Москва.

Ројтерс
Руските авионски напади врз Сирија станаа тест за цврстината на руско-турските односи. „Руска реч на македонски“ се консултираше со експерти во врска со прашањето што навистина стои зад антируската реторика на Анкара и како сегашниот конфликт може да се одрази на економската соработка помеѓу двете земји.

Од почетокот на руската воено-воздушна операција во Сирија авионите на ВВС успеаја двапати (на 3 и на 4 октомври) да го нарушат возушниот простор на Турција. Москва ова го објасни со лошите временски услови, а Анкара веднаш реагираше на инцидентот – амбасадорот на Русија Андреј Карлов трипати беше повикан во турското МНР за да го објасни настанот

За време на посетата на рускиот амбасадор на МНР на Турција на 6 октомври, страните се договорија да ги координираат дејствијата на руските и на турските воени лица со цел во иднина да се избегнат вакви инциденти, известува Инетрфакс. 

Следниот ден беа одржани билатерални консултации помеѓу руските и турските воени ресори за реализација на механизмот за избегнување на инциденти во воздушниот простор на сириско-турската граница, се вели во соопштението на Министерството за одбрана на РФ

Анкара предупредува

Без оглед на тоа медиумите во Турција продолжуваат да пишуваат за „руска агресија“, а турските политичари ја предупредуваат Москва за можните последици од ваквите инциденти. На својата посета на Брисел, претседателот на Турција Ердоган ја предупреди Москва дека ваквиот вид дејствија можат да имаат негативни последици врз билатералните односи на двете земји. „Нападот врз Турција ќе значи напад врз НАТО. Познато е дека имаме добри односи со Русија. Но, доколку Русија изгуби пријател како што е Турција, со кого таа соработува по низа прашање, тогаш ќе изгуби многу“, изјави турскиот претседател

„Острата реторика кон Русија е многу преувеличена, - ги коментира за „Руска реч на македонски“ последните настани Виктор Надеин-Раевски, експерт за Турција и постар научен соработник на Институтот за меѓународна економија и меѓународни односи при Руската академија на науките. – Таа најмногу е поврзана со затегнатата внатрешно-политичка ситуација во пресрет на изборите во самата Турција“.Премиерот на Турција Давутоглу, од своја страна забележа дека Турција како член на НАТО нема да допушти нарушување на безбедноста на своите граници или во својот воздушен простор. 

Со него се согласува и Илшат Саетов, директор на Руско-турскиот научен центар при Серуската државна библиотека за странска литература. „Изјавите во врска со Русија се насочени во прв ред кон турскиот електорат, за властите во нивните очи да изгледаат како „заштитници на муслиманите кои се борат со Ал Асад“, плус на оние кои се борат со сојузниците на курдските терористи. Да потсетам дека сириските Курди, кои имаат добри односи со терористичката Работничка партија на Курдистан, го поддржуваат Ал Асад“, изјави за „Руска реч на македонски“ експертот.

Економските односи нема да се нарушат

Инцидентите над турско-сириската граница предизвикаа стравување за тоа дека можат да настрадаат економските односи помеѓу двете земји кои во последно време успешно се развиваат. Сепак, експертите што ги консултиравме се сомневаат дека моменталната затегнатост може радикално да влијае на трговско-економската соработка.

„Односите помеѓу Русија и Турција отсекогаш биле на два дела – економијата еден, а политиката друг дел. Русија нема да им го сопре гасот на Турците, а тие нема да престанат да ни продаваат високотехнолошка стока и зеленчук поради некаква изјава. Политичката сфера е сосема поинаква – тука двете страни секогаш се однесувале една кон друга со резерва, иако понекогаш се создава впечаток на некаква дружба на фонот на антиамериканската реторика“.

Според Виктор Надеин-Раевски, загриженост за можните влошување во економските односи имало и од почетокот на сириската криза, кога позициите на Русија и на Турција не се усогласија. „Без оглед на несогласувањето за Сирија, Москва и Анкара успеаја да создадат успешна економска соработка. Трговскиот обрт помеѓу земјите расте, Русија во Турција реализира големи проекти во врска со изградбата на првата атомска централа во земјата. Кога станува збор за судбината на Турски тек, тука постојат многу несогласувања од економски карактер, многу барања од турската страна“, забележува експертот.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња