Кримските Татари се за блокада

AP
Веќе неколку дена на граничниот пункт помеѓу Крим и Украина се одвива акција во вид на блокада што ја иницираа кримските Татари. Тие не ги пуштаат да минат камионите со украинска стока на полуостровот и поставуваат политички барања. Во Крим на ова реагираат спокојно: се обидуваат да најдат замена за стоката и само ги распространуваат „препораките“ во локалните медиуми.

Јавниот обвинител на Крим Наталија Поклонскаја со поддршка на Министерството за информации на полуостровот, им „препорача“ на кримските медиуми да не го користат зборот „меџлис“ или фразата „Меџлис на кримскотатарскиот народ’. Ваква организација не е регистрирана на територијата на Крим и е непостоечка, се вели во писмото на Министерството за информации, што го имаат добиено редакциите на кримските и на севастопољските медиуми.

Препораката од главниот обвинител дошла на 21 септември, откако поранешниот и сегашниот претседател на Меџлисот Мустафа Џемилев и Рефат Чубаров (на обајцата им е забранет влез на територијата на РД) организираа блокада од страна на Украина на контролниот пункт со Крим – камионите со украинска комерцијална стока престанаа да влегуваат во републиката. Заедно со нив блокада прават и пратениците на Врховната рада на Украина, претставници на Десниот сектор (организација забранета во Русија – заб. ред.), граѓански активисти, а исто така и припадници на специјалната полиција. Веќе се направени две линии на „одбрана“. На пунктовите веќе има редица со камиони со целосна документација, а некои од нив се вратија назад за да ја спасат стоката што се расипува брзо. Оние што не сакаа да заминат направија камп.

Што бараат

Како што објаснува за „Руска реч на македонски“ првиот заменик-претседател на Меџлисот Нариман Џељалов, акцијата нема конечен рок, а целите се поставени во петте барања до Москва: „ослободување на украинските политички затвореници“ кои се наоѓаат во РФ, „отстранување на незаконските пречки за работа на кримскотатарските и на украинските медиуми“ на Крим, „прекинување на неоснованото гонење на кримските Татари“, промена на законот за слободна економска зона „Крим“ (со која се легализира и се поедноставува трговијата со полуостровот) и транспарентни трговски шеми. „За да не се тргува како сега, кога во најголем број случаи стоката се шверцува, а на тоа заработуваат чиновниците и бизнисмените како во Украина, така и на Крим“, вели Џељалов. Тој, исто така, додаде дека официјално Меџлисот, во кој сега има 30 лица, нема донесено одлука за блокада и дека оние што се наоѓаат на Крим немаат никаква врска со оваа акција: зад неа стојат луѓе кои „принудно или доброволно се наоѓаат на страната на Украина“.

Притоа, украинскиот претседател Петро Порошенко веќе ја поддржа акцијата, велејќи дека таа има за цел да помогне во што поскорото обновување на државниот суверенитет на Украина над полуостровот. Украинските гранични служби и МВР, според него, добиле наредба да внимаваат на правниот поредок и да не се создаваат провокации. Во Меџлисот, пак, препораките на кримскиот обвинител до медиумите беа прифатени како одговор на блокадата и ги нарекоа „играчки за деца“: „Нас кримските медиуми и онака во голем број случаи не нè споменуваа во позитивна смисла, така што од тоа ние ништо не добиваме“, вели Џељалов. Меџлисот, во исто време, нема намера да се регистрира како јавна организација во Русија (во Украина од март 2014 година тој има статус на национален претставнички орган): „Ова е принципиелен момент. Меџлисот и нашиот национален конгрес 'Курултај' се претставнички органи на целиот народ. Правото на вакви организации е определено со декларацијата на ОН за правата на домицилните народи“.

Очигледна врска

На самиот полуостров, пак, како што вели за „Руска реч на македонски“ заменик-претседателот на Советот на министри на Крим Руслан Баљбек, немаат намера да реагираат на акцијата. Единствени што ќе направат скоро кримските власти е тоа што во целост ќе ја заменат украинската стока со руска. „Крим не зависи од украинското производство, од Украина се задоволува околу 5-6% од побарувачката. За Крим оваа ситуација има повеќе политички карактер, затоа нема да има никаква загуба за економијата на регионот“, уверува тој и додава дека најлошо ќе биде за Херсонската област (Украина), чиј пазар бил поврзан со Крим (најмногу станува збор за домати, тиквички, краставици итн.).

Директорот на Институтот за економија при Руската академија на науките Руслан Гринберг не го дели оптимизмот на властите од полуостровот. „Замената на стоката веќе активно се спроведува, но секоја блокада предизвикува понатамошна инфлација, а врската тука е очигледна. Цените ќе растат“. Впрочем, не постои чувство дека блокадата ќе продолжи уште долго. „Тоа не оди во прилог ниту на украинските власти, ниту на руските, а уште помалку на кримските. Во самата Украина, пак, не постои усогласено мислење за ваквата акција“, вели за „Руска реч на македонски“ директорот на украинскиот Институт за глобални стратегии Вадим Карасев. Тој е уверен дека главната цел на кримските татари е да се врати темата за Крим во меѓународната политика, од каде почна полека да се повлекува и да се поттикне Киев кон порешителни дејствија.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња