Стингер, Апти и Ваха. Фотографија: Марина Ахмедова
„Дојдовме тука за да ослободуваме луѓе“, вели Стингер. И без да му поставиме прашање продолжува: „Од кого? Од украинските казнени експедиции! Севишниот е сведок за она што го правиме тука. Ние војуваме онака како што другите играат компјутерски игри. Војната е нашиот живот. Нашиот баталјон 'Смрт' е дел од еден поголем баталјон 'Бедем' и му е потчинет директно на Захарченко.
Русија и Чеченија
„Народот на Чеченија ја избра Русија“, вели Ваха.
„Но, Чечените војуваа против Русија“, велам јас.
„Токму така“, одговара Стингер.
„Во двете чеченски војни загинаа многу цивили...“
„Што сакате да прашате?“, повторно се уфрла Стингер. „Зошто по сето тоа сме за Русија? Јас, Ваха и Апти бевме деца кога започна првата чеченска војна. Правевме молотови коктели, се качувавме на тенковите и ги фрлавме низ отворот во кабината. Верувавме дека на тој начин ја бранам татковината. Ние победивме во таа војна и ја натеравме Русија да ги повлече своите трупи во 1996 година.
„Но, потоа, кога добивме независност, се случуваше истото она што се случува тука“, вели Ваха. „Разни групации и кланови војуваа еден против друг. Народот живееше многу лошо...
„Сè е мошне едноставно“, објаснува Стингер. „Русија по втората војна постапи коректно. Не нè понижуваше, не демонстрираше дека таа победила, не го ограничуваше чеченскиот јазик, нашата вера и традиција. Денес Грозни е најубав град. Русија направи сè за да ја стабилизираме нашата економија“.
Баталјонот 'Смрт' е дел од еден поголем
баталјон 'Бедем' и му е потчинет директно на Александар Захарченко, претседателот на ДНР. Фотографија: Марина Ахмедова
„Постојат Чечени кои го поддржуваа Киев“, вели Апти. „Само што ние нив не ги сметаме за Чечени. Тоа се изроди. Луѓето како што е Иса Мунаев избегаа од Чеченија за време на втората војна. Басаев и Хатаб се нивни, тие тргнаа во друг регион на Русија, во Дагестан, а потоа избегаа. Поради нив загинаа нашите роднини и пријатели. За време на независноста власта му беше дадена нему и нему сличните. И што направија тие од Чеченија? Што? А, ние повеќе си ги немаме нашите браќа и сестри...“
„Во Чеченија нема да најдете ниту еден човек кој не изгубил брат, сестра, роднина“, вели Ваха. „Секој ден се сеќаваме на нив со болка и со огорченост“.
„Ѝ простивте ли на Русија?“, ги прашувам, а во собата настана молк.
„По првата војна народот сам сфати дека не може без Русија. Народот сфати дека Русија е единствената потпора за муслиманскиот свет. Ние ја признавме Русија за да преживееме. Јас лично на Русите им простив сè“, на крајот одговара Стингер. „Сигурно знам дека и тој им има простено“, покажува на Апти. „И тој им има простено“, покажува на Ваха. „Јас сум руски државјанин. Ние ништо не ѝ замеруваме на Русија. Ние ја сакаме. Но, знаете кому не сме му простиле и нема да простиме? На оние што ја започнаа втората војна. На сите тие Басаеви Хатаби, Мунаеви.
Донецка Народна Република
„Русија никогаш не војувала против исламот“, вели Ваха. „А, Европа војувала. И сега таа на Киев му испрати човек како што е Иса Мунаев“.
„И го плаќа да раскажува разни приказни“, се уфрла Стингер. „Тој тврди дека покрај себе има петстотини Чечени, но тоа се глупости. Не се повеќе од дваесет“.
„Од каде знаете?“, прашувам јас.
„Ние сме воени разузнавачи“, одговара Стингер. „Зошто толку се чудите што војуваме за Донецката Народна Република? Не ве чуди што Полјаци, Белоруси и Естонци војуваат како платеници на страната на Киев? Донецката Народна Република ги чекаше Чечените, ги повика на помош. А, Чечените се народ што знае да војува“.
„Дали сте тука по наредба на Рамзан Кадиров?“
„Не сме тука по наредба на Рамзан“, одговара Апти. „Точно е дека порано бевме во активна служба. Сите ние сме воени ветерани, и сите се повлековме од активната служба. Нашиот баталјон е доброволечки. Нас никој не нè плаќа. Кога Рамзан би наредил, цела Чеченија би била тука. Но, засега тој ги одвраќа Чечените од тоа“.
„Зошто сме тука? Зашто Украина без никаква контрола го бомбардира мирното население на Донбас со системите 'Град' . Сите ние имаме поминато низ тоа. И ќе можеме да помогнеме, во тоа сме уверени, тука да се воведе ред“, тврди Стингер. „Не поради парите, ниту за награда. Се колнам во Алах! Никој ништо не ни плаќа. Можеби нашиот лидер некако ќе нè награди кога ќе се вратиме дома. Ние тука, главно, ќе придонесеме Новорусија да има своја химна, и луѓето тука и понатаму да можат да зборуваат руски. Можеби денес и нам не би ни било гајле за Донбас доколку немаше војна во Чеченија... Но, ние сме тука денес, и јас сум искусен воин. Само што плачам кога ќе го видам ова беззаконие, кога се бомбардираат училишта, болници и станбени згради“.
„Зошто ја отворивме оваа 'жешка линија' “, продолжува Стингер. „Со цел да добиваме оперативни информации. Знаете ли што велат 90% од оние што се јавуваат? Дајте леб... Народот тука е гладен. Ние минавме низ тоа, знаеме што е глад. Кога одиме на терен, во селата делиме по сто, сто и педесет гајби леб“.
„А, од каде ви се парите за помош?“
„Од дома, секако“, се насмевнува Стингер. „Од Чеченија“.
„Никогаш не сме сметале дека Украинците се храбри војници“, вели Апти. „Излезе дека имаме право. Тие масовно се предаваат. Во Иловајаск три илјади Украинци бегаа од нас. Но, ние не сакаме народот да се плаши од нас. Ние сакаме непријателот да се плаши“.
„А, дали Украинците ви се вистински непријатели?“
„Оние што пукаат на жителите на Донбас ни се веќе непријатели“.
„Што конкретно правите тука?“, ги прашувам.
„Излегуваме на првата борбена линија“, вели Апти. „Одиме и на Донецкиот аеродром. Тука, во гарнизонот, претоваруваме опрема, се одмораме и носиме леб“.
... На полигонот на гарнизонот се собира баталјонот „Смрт“ на постројување. Апти и Ваха застануваат во средина. Зад нивните плеќи се гледаат есенски дрвја. Се гледа и езеро. Седата магла над нив ја крие спротивната област. Стингер како навиен трча по полигонот и наредува. Со подигнат показалец извикува „Алах акбар!“. Многумина ги креваат рацете и велат „Алах акбар!“ И така трипати. За сите стои Генералот. Маглата полека се шири и како да му ги потпира плеќите. А, тој се насмевнува.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче