Верзијата на Киев и на проруските доброволци
Советникот на министерот за внатрешни работи на Украина Антон Герашченко на својот Фејсбук-профил изјави дека авионот е урнат со зенитни ракети од системот „Бук“. Но, главниот украински јавен обвинител Виталиј Јарема во интервју за „Украинска правда“ изјави дека доброволците на самопрогласените Донецка и Луганска народна република не поседуваат ракетни системи „Бук“ и С-300.
„Кога беше урнат патничкиот авион воената команда го извести претседателот дека терористите ги немаат нашите ракетни системи Бук и С-300“, соопшти јавниот обвинител. „Немало преземање на вакво оружје“.
Од друга страна, властите на Донецката Народна Република (ДНР) негираат каква било врска со уривањето на авионот на компанијата „Malaysia Airlines“.
„Доброволните одреди немаат вооружување кое би можело да собори авион на височина од 10 километри. Ние имаме преносни зенитно-ракетни системи чиј дострел е најмногу 3-4 километри“, изјавува претставникот на премиерот на ДНР Сергеј Кавтараѕе, кој ја обвинува армијата на Украина за соборување на патничкиот авион.
Претседателот на Украина Петро Порошенко настанот го окарактеризира како терористички напад.
„Порошенко за соборениот авион: ова не е инцидент, ниту катастрофа, ова е терористички напад“, напиша неговиот портпарол Свјатослав Цеголко на својот профил на Твитер.
Администрацијата на претседателот на Украина изјави дека авионот би можел да биде соборен од територијата на Русија и нагласи дека „државната армија на Украина воопшто не дејствувала по воздушни цели во зоните на падот на авионот“.
Верзија на Русија
Како што се вели во Министерството за одбрана на РФ, руските радиотехнички средства на 17 јули забележале активност на радарската станица (с18 „Купола“, која припаѓа на батеријата на зенитно-ракетниот систем „Бук-М1“, која е стационирана на подрачјето на населеното место Стила, 30 километри јужно од Донецк.
Од министерството истакнуваат дека техничките карактеристики на системот за ПВО „Бук-М1“ овозможуваат размена на информации за воздушните цели меѓу батериите на истата дивизија.
Во Министерството за одбрана на РФ нагласуваат дека со самото тоа ракетата можела да биде испукана од сите батерии кои се наоѓаат во населбите Авдеевка (8 километри северно од Донецк) и Груско-Зарјанско (25 километри источно од Донецк).
„Руската армија не поседува зенитно-ракетни системи Бук-М1 кои се споменуваат во медиумите и чии фотографии активно се објавуваат. Нашата армија е вооружена со зенитните системи Бук-М2, кои многу се разликуваат од системите Бук-М1, што дури и неупатените можат визуелно да ги воочат тие разлики. Треба да се додаде дека системите Б-М1 ги поседува украинската армија“, изјави полковникот на руската армија и независниот воен експерт Виктор Литовкин.
Тој нагласи дека на руско-украинската граница можат да се наоѓаат системи Бук-М2, но авионот е доборен на значителна оддалеченост од Русија, а дострелот на овој зенитно-ракетен систем е 30 километри.
„Боингот 777 падна на 50 километри од нашата граница. Авионот не се распаднал во воздух, туку летал уште речиси 100 километри пред да падне. За тоа зборуваат изјавите на очевидците кои виделе дека тој не се распаднал во воздухот, туку дека удрил во земја“, изјави експертот.
Судир во воздух
Како што известува руското издание на Дни.Ru, повикувајќи се на соопштението на информативната служба на Луганската Народна Република, Боингот 777 во воздух можел да се судри со украински Су-25.
„Очевидците кои го набљудувале летот на патничкиот авион 777, виделе дека тој бил нападнат од јуришен авион на военото воздухопловство на Украина. По ова патничкиот авион во воздухот се распаднал на два дела и паднал на територијата на ДНР“, пишува изданието, повикувајќи се на информативната служба. „Во моментов се трага по соборениот авион“.
Кога беше урнат патничкиот авион воената команда го извести претседателот дека терористите ги немаат нашите ракетни системи Бук и С-300.
Виталиј Јарема, главниот јавен обвинител на Украина
Човек кој тврди дека е Шпанец и дека работи како контролор на летање на киевскиот аеродром Бориспољ, на својот профил на Твитер напиша дека два авиона на украинското воено воздухопловство биле забележани покрај патничкиот авион неколку минути пред неговиот пад.
„Воените авиони пролетаа покрај Боингот 777 три минути пред тој да исчезне од радарот, само три минути“, пишува тој на својот профил на Твитер. „Kога Боингот исчезна од радарот, киевските власт ни соопштија дека се урнал. Како можеле толку бргу да дознаат за тоа?“
Подоцна постот на корисникот беше тргнат од Твитер, Не се знае дали тој е навистина Шпанец кој работи како контролор на летање на аеродромот или е во прашање лага.
Несреќен случај
Европската служба за контрола на воздушниот простор го оцени уривањето на малезискиот патнички авион Боинг 777 на истокот од Украина како несреќен случај. Ова го изјави претставник на службата за германското издание на Welt-Online.
Авионот Боинг 777 на Malaysia Airlines, кој леташе од Амстердам во Куала Лумпур, во четврток навечер се урна на југоистокот од Украина.
Во авионот се наоѓаа 283 патници и 15 члена на екипажот. Според податоците на авиокомпанијата меѓу паниците имало 192 државјани на Холандија, 27 Австралијци, 44 Малезијци, 12 Индонезијци, 10 Британци, по четири државјани на Германија и на Белгија, тројца Филипинци и еден Канаѓанец.
Напомена
Герашченко, пост на Фејсбук.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче