Американските избори пред сè покажаа дека американскиот политички систем е сериозно „начнат“. Тој не обезбедува ниту консолидација на елитата, ниту консолидација на општеството. И тоа е лоша вест за Америка. Не знам дали е тоа добро за сиот останат свет, со оглед на тоа дека Америка во него е клучен актер. Мислам дека доларот сепак најмногу се држи на довербата во американскиот политички систем. А, сега оваа доверба е разнишана. Секако, во секое општество постојат дијаметрално спротивни ставови, но таква длабока омраза, каква што видовме за време на предизборната кампања во Америка, не постои во општествата што функционираат нормално. Денес општеството во САД е навистина поделено и неговите делови меѓусебно се мразат.
Не знам кои се целите на Трамп, освен изјавите дека сака да ја направи Америка силна. По победата на изборите тој ќе мора да подготви конкретна програма, а тоа ќе биде мошне тешко. Неговиот претходник Барак Обама дојде во Белата куќа со добра програма, но доживеа неуспех токму затоа што општеството во голема мера не беше подготвено да поддржи каква било единствена програма. Америка е премногу поделена.
Јасно е дека Америка може да биде силна, само не знам дали на Трамп ќе му биде дозволено да го реализира својот план, кој подразбира делумен изолационизам и концентрирање на САД на сопствените проблеми (патем речено, ова го предлагаше и Обама, за волја на вистината во помека и полиберална варијанта). Во принцип, Америка, секако, би требала да се позанимава со модернизација на својата инфраструктура, која, како што велат сите, спаѓа во најзаостанатите во развиените земји од светот.
Трамп во својата предизборна програма многу зборуваше за дијалогот со Русија. Сепак, треба да се има на ум дека голем дел од американската елита, која е главно со либерална ориентација, отворено ја мрази Русија. Што е поважно – Трамп и нема сериозни планови во однос на Русија. Секако ќе треба да се води дијалог со САД, па можно е нашите односи малку да се санираат. Но, главната работа што Русија треба да ја направи е да продолжи со својата политика независно од доаѓањето на Трамп на власт во Америка. Мене мошне ме загрижува тоа што многумина руски аналитичари во голема мера ја доведуваат нашата политика во врска со резултатите од американските избори. Ние треба да се свртиме кон Истокот и да ги продлабочиме односите со Кина, а воедно да се трудиме и околу водечките европски земји, со цел да спречиме нов раскол во Европа. Треба да спроведуваме сопствена политика. Не да стоиме на место, ами да ја продолжиме прилично успешната линија за која се држиме веќе неколку години. Тоа е запирање на експанзијата на Западот, а таа се закануваше со судир, и тоа е развојот на нашиот источен вектор со зачувување, колку што е тоа можно, на добрите односи со европските земји.
Не треба да заборавиме дека не е Америка единствената земја во која општеството е поделено. Европа е во мошне побезизлезна криза од Америка. На крајот, мораме да бидеме сосема свесни дека Русија има една задача – да стане голема сила. Ова пред сè значи дека мора сериозно да се бори против корупцијата и да спроведува економски реформи кои ќе обезбедат ефикасен економски пораст.
Современата европска елита во поголемиот дел земји од ЕУ банкротираше, што беше кристално јасно и пред победата на Трамп. Голем дел од европската елита сакаше некако да се потпре на САД, не сакајќи да троши пари за одбрана, ниту да спроведува сопствена политика. Сега оваа карта, според сè, им падна од ракавот, зашто е сосема извесно дека Америка ќе продолжи со повлекувањето од Европа. Во мандатот на Трамп овој процес ќе се забрза. Според тоа, Европејците самите мораат да размислуваат за сопствената судбина.
Понатаму, на Доналд Трамп и на оние што тој ги претставува воопшто не им е дојдено до Сирија. Тие не сфаќаат зошто е потребно таму да се пика носот, и зошто Америка е присутна таму. Друга работа е тоа што видовме дека и самиот Обама, кој преку државниот секретар Џон Кери сакаше да се договори со Русија за некаква соработка, се соочи со торпедирање на своите напори кога дури и во неговата сопствена администрација определени сили испровоцираа конфликти со Москва. Според тоа, и Трамп секако ќе има проблеми во оваа смисла, односно ќе има такви кои ќе му пречат да воспостави соработка со Русија.
Сергеј Караганов е декан на Факултетот за светска економија и светска политика при Националниот истражувачки универзитет „Виша школа за економија“ и почесен претседател на Президиумот на Советот за надворешна и одбранбена политика.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче