Карикатура: Григориј Авоњан
Перестројката пред сè беше одговор на историскиот предизвик со кој државата се соочи во текот на последните децении од 20 век. Нашата земја кај средината на осумдесеттите години од минатиот век минуваше низ тежок период од својот развој.
Централизираниот управно-административен систем ја замрзнуваше граѓанската иницијатива и ја држеше економијата во лудачка кошула, а оние што сепак се обидуваа да покажат некаква иницијатива задолжително беа казнувани.
Поради тоа на почетокот на осумдесеттите години од минатиот век заостанувавме зад водечките земји. Бевме 2.5 пати послаби од нив според продуктивноста во индустријата, а 4 пати послаби во земјоделството. Нашата економија беше милитаризирана и сè потешко го носеше бремето на трката за вооружување.
Можам да го кажам следново: ние не се решивме на промена поради слава и почести, туку зашто сфативме дека нашиот народ заслужува подобар живот и поголема слобода.
Перестројката ја доживувавме како дел од глобалниот процес, кој се одвива во светот каде сè е заедно поврзано и заемно зависно.
Најважен инструмент на Перестројката беше Гласноста. Што е тоа Гласност? Тоа, секако, е слобода на говорот. Народот доби можност отворено да зборува за болните прашања, да го изнесува своето мислење, не плашејќи се од цензура и од репресија. Но, Гласноста уште подразбира и транспарентност на делувањето на општеството. Тоа значи раководството да ги објаснува своите одлуки, да го земе предвид мислењето на народот.
Гласноста го разниша општеството и за многу прашања му ги отвори очите на раководството на земјата. Видовме дека луѓето сакаат побрзо да напредуваат. На партиската конференција во 1988 година беа донесени одлуки за спроведување избори во ајвисоките органи на власта на алтернативна основа. Тоа беше најважен чекор во насока на демократијата.
На почетокот сите, без исклучок, беа за вакви промени. Потоа излезе дека ориентацијата на решителни, но еволуциски промени воопшто не им одговара на сите, ниту кај народот, ниту кај раководството, ниту кај круговите на таканаречената „елита“.
Од една страна беа екстремистите, кои беа поврзани со сепаратистите. Тие ја чувствуваа нетрпеливоста на граѓаните, а особено на интелигенцијата, и бараа „сè да се урне од темели“, давајќи му на народот неодговорни и неостварливи ветувања дека за година-две во државата да настапи „рај на земјата“.
На другата страна беа конзервативците. Тие беа заглавени во минатото, се плашеа од вистински промени, немаа доверба во слободниот избор на граѓаните, а не сакаа ниту да ги изгубат привилегиите што ги имале порано. Тие доживеаја пораз во отворената политичка борба, па во август 1991 година организираа пуч и на таков начин ги ослабеа моите позиции како претседател на државата и им отворија пат на екстремистичките сили кои неколку месеци подоцна го растурија Советскиот Сојуз.
Јас се борев за зачувување на сојузната држава со политички средства. Нагласувам: политички средства. За мене беше неприфатлива примена на сила која можеше да ја доведе земјата на работ на граѓанска војна.
Претседателот на Русија Борис Елцин одигра позитивна улога во застанувањето на патот на пучот, но зазеде дволичен став. Тајно беше подготвено и одржано советување во Беловежската шума, каде раководните лица на Русија, на Украина и на Белорусија прогласија распуштање на Советскиот Сојуз.
Јас бев подготвен да се согласам на максимална економска децентрализација и за давање најшироки овластувања на републиките, но со овации на рускиот парламент беше донесена сосема поинаква одлука. На крајот беа прекинати сите врски, па се растури дури и едно толку важно наследство како што е единствената одбрана на сојузната држава.
Но, дали резултатите од Перестројката можат да се сведат само на распадот на Советскиот Сојуз, како што тоа многумина го прават, едни од незнаење, други злонамерно? Не, не можат. И распадот на сојузната држава и тешкотиите и лишувањата што многумина ги претрпеа, особено во деведесеттите години од минатиот век, се резултат на саботажа на Перестројката. Ова, меѓутоа, не го намалува нејзиниот главен резултат. Имено, Перестројката во нашиот живот донесе длабоки промени кои целосно оневозможија враќање во минатото.
Тоа се пред сè политичката слобода и човековите права. Овие права и слободи сега се доживуваат како нешто што се подразбира: можноста за гласање на избори и за бирање на своите раководни лица, можноста за отворено изнесување на сопственото мислење, можноста за исповедување на својата вера, своја религија, слободно заминување во странство, отворање сопствена фирма и стекнување богатство.
на трката за вооружување, покренавме процес за намалување на нуклеарниот арсенал, ги нормализиравме односите со Западот и со Кина, ги повлековме трупите од Авганистан и решивме многу регионални конфликти. Започна процесот на интеграција на земјата во светската економија.
Тоа се вистинските достигнувања. Но, многумина денес прашуваат зошто во светот сега завладеа таков немир? Можеби и за тоа се виновни Перестројката и новото мислење што му го понудивме на светот?
Не, јас со тоа не можам да се сложам. Денешните опасности се резултат на саботажата на Перестројката, на распадот на Советскиот Сојуз, на отстапувањето од принципот на новото мислење и на неспособноста на новата генерација лидери да создаде систем на безбедност и соработка во согласност со реалиите на глобалниот свет во кој сите зависат еден од друг.
Излезе дека можностите што се отворија по завршувањето на Студента војна не се искористени онака како што би требало
Распадот на Советскиот Сојуз беше предизвикан од внатрешни причини. На Западот многумина го дочекаа со ликување. Завршувањето на Студената војна претставуваше добивка за обете страни и за целиот век, но беше прогласено како победа на Западот и на САД.
Потоа светот не стана побезбеден. Наместо „светски поредок“ добивме „глобална аберација“. Конфликтите ги зафатија не само земјите од „третиот свет“, туку и Европа. И сега вооружен конфликт избувна буквално пред нашата врата.
Тука нема детално да зборувам за украинскиот конфликт. Неговата длабинска причина се крие во саботажата на Перестројката, во неодговорните одлуки што во Беловежската шума ги донесоа раководните лица на Русија, на Украина и на Белорусија. Годините што следуваа за Украина беа искушение и проверка на нејзината компактност. Вовлекувајќи ја оваа земја во „евроатланската заедница“, Западот демонстративно ги игнорираше интересите на Русија.
Секако, искуството од Перестројката и од надворешните политики засновани на ново мислење не даваат готов рецепт за решавање на сегашните проблеми. Светот се измени. Во светската политика се појавија нови актери и нови опасности. Но, ниту еден од оние проблеми со кои се соочуваше човештвото не може да се реши со напорите на само една земја, па дури ни на само една група земји. Ниту еден од проблемите нема воено решение.
Русија може да даде значаен придонес во надминувањето на сегашниот „глобален хаос“. Западот треба да го сфати тоа.
Во руската политика остануваат нерешени многу задачи кои беа актуелни уште во годините на Перестројката. Тоа е создавање плуралистички, конкурентен политички систем, вистински повеќепартиски, тоа е формирање на систем на противтежа во кој рамномерно се распоредени овластувањата на законодавната, на извршната и на судската власт, тоа е и обезбедување на периодична смена на власта.
Убеден сум дека барањето излез од ќор-сокакот во кој се најдоа руската и светската политика ќе биде успешно само на патот на демократијата. Со други зборови, нам ни е потребна демократизација на политичкиот живот на Русија и демократизација на меѓународните односи. Друг пат не постои.
Оригиналниот текст на руски јазик е објавен во „Росијскаја газета„.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче