„Русите доаѓаат!“ Илустрација: Николај Дихтјаренко.
Новите конфликти сè повеќе ги расипуваат односите помеѓу Западот и Русија. На многумина со право им се чини дека разбирањето и врските помеѓу Западот и Истокот се неповратно изгубени и дека идејата за живот под заеднички европски покрив е мртва. Зошто се натрупуваат проблеми во односите помеѓу Западот и Русија?
Новата линија на фронтот се протега помеѓу Европската унија и три источнословенски држави, со тоа што спорните прашања меѓу Западот од една и Русија, Украина и Белорусија од друга страна, не се однесуваат на геополитиката или на безбедноста, туку на либералните вредности, а ако се погледне повнимателно, до расколот дојде поради различните погледи на светот. Западот одамна живее во постхристијански свет, додека Русија, по комунистичкиот прогон на религијата во текот на сиот дваесетти век, се обидува да се развива во духот на христијанството.
На Запад луѓето не можеа да им поверуваат на своите очи кога видоа стотици илјади руски граѓани како доаѓаат во храмовите за се поклонат на светињите од Света Гора
Исмевањето на сопствената религија, на вековната црковна традиција и на свештенослужителите од страна на западните интелектуалци не се доживува како недостаток на вкус. Либералното германско законодавство го забранува верскиот обред на обрежување, а дозволува објавување на карикатури со ликот на пророкот Мухамед. Во Русија сè е поинаку. Во Русија повеќе никој отворено не пишува дека Бог не постои. Повеќе не се исмева религијата. Дури и граѓаните што не веруваат благонаклонето гледаат на религијата. Во медиумите се забележува почитувањето кон црковните служители, кои никој повеќе не ги нарекува „служители на култ“. Рускиот патријарх отворено се занимава со надворешна политика, за што сведочат неговите прилично успешни посети на Сирија, на Украина и на Полска.
За Русија тоа е добро, за Западот е незамисливо. На Запад луѓето не можеа да им поверуваат на своите очи кога видоа стотици илјади руски граѓани како доаѓаат во храмовите за се поклонат на светињите од Света Гора, на „појасот на Пресвета Богородица“ кој на Запад е одамна заборавен. Кога во Москва беше осудена групата Pussy Riot, стотици западни уметници и интелектуалци бараа панкерките веднаш да бидат ослободени, зашто нивното скандалозно протесно „шоу“ во храмот на Христос Спасителот божем било „легитимен уметнички израз“. Аргументите на христијанските кругови во Русија дека панк-групата со својот срамен настап го сквернавела светото место на црковниот амвон, каде за време на литургиите се причестуваат верниците за да добијат проштевање за гревовите, на Западот му послужија само за да ја обвини Русија за мракобесие и за враќање во Средниот век.
Суштината на конфликтот не се огледа само во различните погледи на светот, туку и во начинот на кој конфликтот се одразува врз меѓународната политика
Но, суштината на конфликтот не се огледа само во различните погледи на светот, туку и во начинот на кој конфликтот се одразува врз меѓународната политика. Кога комунистите пред стотина години дојдоа на власт, тежнееја својата идеја за пролетерска револуција да му ја пренесат на Западот. Ленин и Троцки искрено веруваа дека нивната револуција е правилна и дека таа ќе го ослободи човештвото од вековното ропство. Денес Западот смета дека има право идејата за либерална револуција да ја шири низ целиот свет. Луѓето на Запад веруваат дека демократијата и човековите права се универзални вредности на целото човештво и дека слободата на начинот на кој тие ја сфаќаат треба да се воведува или со добро или на сила. Никој на Запад тоа нема да го каже јавно, но западните интелектуалци сметаат дека „авторитарниот режим на Путин“ не е легитимен. Тие се надеваат дека во Русија на власт ќе дојде „попросветено“ поколение и тогаш со Русија повторно ќе биде воспоставена соработка според западното сценарио. Кога руската елита го прекорува Западот поради тоа што ги поткопува принципите на државниот суверенитет и на тој начин го крши меѓународното право, таа добива ваков одговор: светскиот поредок е изменет, така што либералниот Запад има право да се меша во внатрешните работи на други држави кога некаде се кршат човековите права, зашто на тој начин се бранат послабите членови на општеството од самоволието на диктаторот.
Конфликтот помеѓу Западот и источнословенските земји ескалираше и поради тоа што западните интелектуалци не трпат приговори за наметнувањето на своите позиции, ниту, пак, признаваат поинакво мислење. Малку е да се каже дека тие ги критикуваат Русија, Украина и Белорусија заради политичкото устројство кое не личи на систем на западните демократии. Тие остро ги осудуваат, ги притискаат со санкции и ги тераат да се променат. И што постигнуваат со тоа? Што добиваат наместо сложно живеење под заеднички европски покрив? Веќе пет години е замрзнат договорот за партнерство и соработка помеѓу Европската Унија и Русија. Поради изрекувањето затворска казна на Јулија Тимошенко, Европската Унија го замрзна придружното членство на Украина во ЕУ, а против Белорусија воведува нови санкции по негодувањето на белоруските власти во врска со фрлањето провокативни летоци од авион во воздушниот простор на нивната земја. Европската Унија ја отфрла можноста за каква било толеранција кон државите во кои, по нивно мислење, се кршат елементарните човекови права. Европа во оваа смисла во целост ја има усвоено милитаристичката реторика.
Конфликтот помеѓу Западот и источнословенските земји ескалираше и поради тоа што западните интелектуалци не трпат приговори за наметнувањето на своите позиции
Идејата за слобода, и тоа прилично апстрактна, на Запад доби статус на нова религија. Во таа религија постојат своевидни „икони“, а тоа се поранешни борци за слобода, затвореници од нацистичките концентрациони логори и борци за човекови права од времето на комунизмот. Таква „икона“ која се „бореше против злото“ стана и новиот претседател на Германија Јоахим Гаук, кој е исто така борец за човекови права од поранешната Источна Германија. Русија, Украина и Белорусија тргнаа по патот на поинаков поглед на светот. Тие не осудуваат сè што преживеале нивните народи за време на комунизмот. Затоа и немаат слични „икони“ на слободата.
Постои уште една суштинска разлика: Во Русија минатата година беше одбележана 200-годишнината од победата во Татковинската војна против Наполеон од 1812. Русија секоја година ја прославува и годишнината од победата во Втората светска војна против нацистичка Германија. Таа овие настани ги празнува без Западот, каде се учи поинаква историја. Современите демократски системи на САД и на Европа се втемелени врз идеите на Француската револуција (а, тоа повторно е таа истата слобода) и правото на Наполеон. Кога Русија го победила Наполеон, западните сили, како што е познато, повторно ја исфрлиле од Европа. Целиот 19 век Русија во очите на Запад беше стожер на конзерватизам и на реакции. Конфликтите поради различните погледи на светот со тек на време прераснаа во геополитички спорови, кои потоа ја предизвикаа Првата светска војна. Кога станува збор за Втората светска војна, нејзин главен победник во очите на Запад беа САД, кои подоцна ја донесоа слободата во Западна Европа, и таа слобода тие ја обезбедуваа за време на Студената војна, поради што западноевропските интелектуалци уште долго ќе ѝ се клањаат на Америка. А, Русија повторно ја исфрлија од Европа.
Конфликтите поради различните погледи на светот со тек на време прераснаа во геополитички спорови, кои потоа ја предизвикаа Првата светска војна
Кон средината на шеесеттите години од минатиот век во Западна Европа избувна таканаречената студентска револуција, која потоа прерасна во сеопфатна „сексуална револуција“. Во западната култура влегоа мини-сукњите, се појави порнографската продукција, се појави хипи-движењето... Така новото поколение на Западот буквално извојува целосна слобода. Тие револуционерни шеесетти – тоа се денешните европски интелектуалци, иако сега се во зрели години. Тие доживеаја длабоко разочарување од левичарската идеологија и во својата свест засекогаш го погребаа комунизмот, кон кој во советското време се негуваа извесни симпатии. Русија ја „предаде“ левичарската марксистичка идеја и сега во извесна смисла се враќа кон неохристијанството, кон традицијата на својот царски период и кон идеите за национална држава – таквата Русија за споменатите западни интелектуалци е олицетворение на пеколот.
Како ќе заврши сево ова? Можеби цивилизацискиот конфликт допрва почнува. Тешко дека власта во Русија во скоро време ќе се промени според желбите на либералите и на западњаците, кои кај нас се малцинство. Од друга страна, на Запад експанзијата на либерални вредности станува сè поголема, зашто европските елити се сериозно загрижени поради губењето на својата политичка доминација на светската сцена заради сè поголемата европска криза. Азија ја престигнува Европа побрзо одошто можеше да се очекува. Затоа Европа сè повеќе ќе го користи факторот „универзални вредности“ како штит во ситуација кога нејзиното глобално влијание ќе станува сè послабо. Меѓутоа, ова никако не значи дека Русија треба да премине на страната на Азија во цивилизацискиот конфликт со Европа. Таа ќе мора да се модернизира, но, по сè изгледа, врз темелите на сопствената традиција и на сопствените вредности. Не би било лошо да ѝ се покаже на Европа дека руското православие, па ако сакате и рускиот ислам, можат да дадат свој придонес во изградбата на идната слободна Европа.
Авторот е политиколог, директор на Центарот „Бертолд Бајц“ при Советот за надворешни односи од Германија.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче