Могерини: ЕУ сака да соработува со Русија во борбата против тероризмот

Европската Унија е заинтересирана за соработка со Русија по низа прашања, вклучително и за борбата против тероризмот и регулирањето на кризата во Сирија, изјави Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Федерика Могерини.

На средбата со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров во Москва, Могерини потенцираше дека Москва и Брисел имаат определени разногласија. Тие се однесуваат на ситуацијата во Украина и прашањата поврзани со Кримскиот полуостров. Меѓутоа, пред Русија и ЕУ стојат заеднички предизвици и има прашања за соработка.

„Пред нас стојат заеднички задачи, поврзани со борбата против тероризмот. И сакам уште еднаш да ја потврдам нашата заинтересираност за оваа соработка,  за такви акутни прашања како што е ситуацијата во Сирија, Либија... Навистина, има широк круг на прашања за дискусија“, истакна Могерини.

Сергеј Лавров, од своја страна, изјави дека Москва е насочена кон целосна обнова на дијалогот со ЕУ. Тој потенцираше дека ЕУ е најголемиот трговско-економски партнер на Русија, со кого има многу заеднички нешта во историска, културна и вредносна смисла. Министерот ги повика европските партнери да се фокусираат на заедничките реални закани, а не на измислени ризици.

Федерика Могерини во понеделникот пристигна во работна посета на Москва. Ова е нејзина прва посета на рускиот главен град како шефица на дипломатската служба на ЕУ, на чие чело е од ноември 2014 година. Планирано е главни теми на преговорите меѓу Могерини и Лавров да бидат Сирија, Украина, Блискиот Исток, реализацијата на договорот за нуклеарната програма на Иран, регулирањето во Авганистан и билатералните односи Русија-ЕУ, пренесува РИА „Новости“.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња