Лавров и Тилерсон ги сумираа резултатите од преговорите во Москва

Шефовите на дипломатиите на Русија и САД на денешната средба во Москва разговараа за Сирија, Украина, Северна Кореја и за билатералните односи.

По средбата која траеше пет часа, Лавров и Тилерсон имаа двочасовна средба со претседателот на Русија Владимир Путин. По средбата со рускиот лидер министерот за надворешни работи на Русија и Државниот секретар на САД одржаа прес-конференција, пренесува РИА „Новости“.

„Ние ја потврдивме „заедничката заложба за бескомпромисна борба со меѓународниот тероризам“, изјави Лавров, додавајќи дека таа тема во неколку наврати беше дискутирана меѓу лидерите на Русија и на САД.

Притоа, според него, Москва гледа обиди за спречување на соработката меѓу Русија и САД и за заострување на конфронтацијата.

„Мислам дека и во САД и во Русија има доволно разумни луѓе кои ќе можат да ги одделат зрната од плевелот и кои сепак ќе успеат да се водат според домашните, некунјунктурни интереси на нашите народи, нашите земји и целата меѓународна заедница“, изјави Лавров

Според него, „историјата докажа, кога Москва и Вашингтон соработуваат, добиваат не само нашите народи, туку и целиот свет“.

Шефот на руската дипломатија соопшти дека Москва и Вашингтон ќе назначат специјални претставници за да се откријат без емоции „раздразнувачите во односите“.

Во врска со напад со хемиско оружје во сириски Идлиб, Лавров изјави дека видел подготвеност кај САД за поддршка на меѓународна истрага на тие настани.

Тој потенцираше дека Русија „никого не се обидува да заштити и инсистира на објективна истрага за настаните во Идлиб“, затоа што „ако нашите колеги во ООН, во Хаг бегаат од таа истрага, тоа ќе значи дека тие не сакаат да ја утврдат вистината, а ние ќе инсистираме на тоа“.

Според Лавров, Москва не видела „никаква потврда... знаци карактеристични за да се зборува дека таму имало некакви отровни материи“.

Тилерсон, од своја страна, изјави дека нападот на американските сили врз Идлиб бил основан, аргументирајќи го тоа со „фактите што ние (САД) ги имаме“.

Државниот секретар на САД исто така изјави дека заминувањето на сирискиот претседател Асад од неговата функција треба да се случи организирано и дека на неговиот режим му се ближи крајот.

Тој истакна дека „Русија е најблискиот сојузник и може да му помогне на Асад да ја сфати таа реалност“.

Лавров, од своја страна, изјави дека Русија не фаворизира никого во Сирија, вклучително ни Асад и дека Сиријците треба да се договорат за својата судбина преку инклузивен сириски дијалог, „како што е запишано во резолуцијата на Советот за безбедност на ООН“.

Актуелното ниво на доверба меѓу Русија и САД е „ниско“, смета Тилерсон и Москва и Вашингтон треба да сторат сѐ за да ја запрат деградацијата на односите и да ја обноват довербата.

Според него, „две големи нуклеарни сили не можат да се наоѓаат во таква состојба на нештата“ и додаде дека е дискутирано за пристапите на кој можат да се постигне напредок во односите.

Покрај односите, Лавров и Тилерсон разговараа и за Украина, Северна Кореја и сајбер-безбедност.

Според Лавров, Москва и Вашингтон се залагаат за целосна реализација на „Минската спогодба“ и ригорозна имплементација на резолуцијата на Советот за безбедност на ООН за Корејскиот полуостров.

Страните се договорија и за продолжување на дијалогот во однос на сајбер-безбедноста.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња