Борис Џонсон ја откажа посетата на Москва поради Сирија

Шефот на британската дипломатија Борис Џонсон соопшти дека ја откажува посетата на Москва поради ситуацијата во Сирија.

„Министерот за надворешни работи на Велика Британија Борис Џонсон објави соопштение по одлуката да не ја посети Москва, како што се планираше, на 10 април“, се вели во соопштението на Форин офисот, пренесува РИА „Новости“.

„Последните настани во Сирија суштински ја изменија ситуацијата. Мојот приоритет сега е продолжување на контактите со САД и другите земји во пресрет на средбата на Г-7 на 10-11 април, за да се обезбеди координирана меѓународна поддршка на примирјето во земјата и интензивирање на политичкиот процес. Јас ќе работам на организирање средба со нашите партнери-истомисленици за да можеме да ги разгледаме следните чекори“, се истакнува во изјавата на Џонсон.

Откажувањето на посетата на Џонсон го коментираше портпаролот на руското МНР Марија Захарова. Таа потсети дека патувањето на британскиот министер за Москва веќе беше одложено.

„Имаме впечаток дека нашите западни колеги живеат во некаква своја реалност во која најпрвин се обидуваат сами да прават колективни планови, потоа сами исто така да ги менуваат, измислувајќи апсурдни поводи“, изјави дипломатот.

Таа додаде дека Русија секогаш се залагала за градење стабилни односи на цврста меѓународно-правна почва, меѓутоа „стабилноста и континуитетот престанаа да бидат визит-картичка на западната надворешна политика“.

Претходно Џонсон напиша на својот „Твитер“ дека го поддржува американскиот ракетен напад врз сириската воздухопловна база и дека е во постојан контакт со државниот секретар на САД Рекс Тилерсон.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња