Поранешен руски пратеник убиен во Киев

Поранешниот пратеник во Државната Дума на РФ Денис Вороненков беше убиен денеска во главниот град на Украина.

Во центарот на Киев е убиен поранешниот пратеник во Државната Дума на Руската Федерација Денис Вороненков, соопшти началникот на ГУ на Националната полиција на Украина во Киев Андреј Кришченко, пренесува „Интерфакс“.

За телевизијата „112.Украина“ Кришченко соопшти дека идентитетот на убиениот е утврден и дека станува збор за поранешен пратеник на Државната Дума на РФ, меѓутоа одби да ги наведе неговото име и презиме.

Подоцна на прашањето на водителот дали е точно дека убиениот е Денис Вороненков, Кришченко одговори потврдно.

Информацијата за убиството на Вороненков ја потврди и народниот пратеник во Врховната рада на Украина Дмитриј Белоцерковец.

Вороненков во средината на февруари се пресели во Украина заедно со неговата сопруга – поранешната пратеничка во Државната Дума од редовите на партијата „Единствена Русија“- Марија Максакова. Претходно во февруари 2016 тој доби украинско државјанство. Во интервју за украинските медиуми, објаснувајќи ги причините за неговото иселување, остро ја критикуваше политичката ситуација во Русија.

Исто така, се дозна дека поранешниот руски пратеник дал на украинското Генерално обвинителство информации за случајот за велепредавство на поранешниот претседател на Украина Виктор Јанукович.

Во март 2017 година судот во Москва го одобри налогот за апсење на Вороненков во врска со поднесените обвиненија против него за измама со противправно присвојување на зграда во вредност од 127 милиони рубли (малку повеќе од 2 милиони евра).

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња