„Комерсант“: Поранешни пратеници во Думата сведочеа во Киев

Не се исклучува по исказите на поранешните пратеници да биде поднесена тужба за велепредавство против поранешниот претседател на Украина Виктор Јанукович поради негово наводно повикување на руска војска во Украина.

Поранешниот пратеник на Државната Дума на РФ од редовите на КПРФ Денис Вороненков даде исказ во Генералното обвинителство на Украина против поранешниот претседател на земјата Виктор Јанукович, пишува „Комерсант“. Судскиот процес би можел да почне во март, со тоа што Генералното обвинителство на Украина планира да ја заврши истрагата во февруари.

Според весникот, Вороненков делумно го потврдил претходно дадениот исказ на исто така поранешниот руски пратеник Илја Пономарјов, кој летото 2016 доби право на постојан престој во Украина. Пономарјов зборуваше за наводен договор меѓу Јанукович и руското раководство.

Неодамна генералниот обвинител на Украина Јуриј Луценко соопшти дека против Јанукович дал исказ уште еден поранешен руски пратеник. „Сослушавме двајца пратеници на Државната Дума на РФ. Тие сведочат за тоа дека Кремљ уште во декември, кога се одржуваше Мајданот во центарот на Киев, го покренал механизмот за испраќање војска на територијата на Украина“, изјави Луценко на 22 јануари. „За време на посетата на Сурков (помошникот на претседателот на Русија Владислав Сурков) во декември веќе се зборуваше за веројатна воена инвазија“, додаде украинскиот обвинител.

Извор во украинското обвинителство изјави за „Комерсант“ дека Денис Вороненков „самиот покажа иницијатива, го контактираше генералниот обвинител на Украина Јуриј Луценко и даде исказ за случајот Јанукович“. Соговорникот на весникот истакнува дека не е исклучено по разговорот со Вороненков, обвинителот Луценко да го обвини Јанукович за велепредавство поради наводно повикување на руска војска во Украина.

Истражниот комитет на Русија го сомничи Вороненков за учество во организација за незаконско присвојување на зграда во центарот на Москва. Во декември 2016 година украинските медиуми објавија дека Вороненков со сопругата Марија Максакова, исто така поранешен пратеник во Думата, се преселиле во Киев.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња