Русија повика да престане надворешното мешање во работите на Македонија

Русија повикува да престане надворешното мешање во работите на Македонија, изјави постојаниот претставник на РФ во ОБСЕ Александар Лукашевич.

„Потребно е да престане надворешното мешање во внатрешните работи на Македонија, да се почитува правото на македонските граѓани самостојно да одлучуваат за својата судбина во согласност со основните демократски принципи. Ги повикуваме сите политички сили во Македонија и надворешните посредници од ЕУ и САД да го следат патот на регулирање на внатрешномакедонската ситуација преку дијалог во рамките на постојните законски демократски процедури со почитување на постапките и одлуките на легитимните власти, раководејќи се според целта за обнова на стабилноста и општествената хармонија во Македонија“, се вели во текстот на говорот на Лукашевич на состанокот на Постојаниот совет на ОБСЕ, чиј текст е објавен во четвртокот на интернет-страницата на Министерството за надворешни работи на Руската Федерација.

Рускиот дипломат истакна дека и покрај волјата на македонскиот народ, некои сили се обидуваат, користејќи го албанското малцинство, да ги донесат на власт во Скопје политичарите кои ги загубија изборите.

„На внатрешнополитичкиот процес се брза да му се придодаде меѓуетничка етничка боја, наметнувајќи им ја Македонците ултимативната „Тиранска платформа“ – отворено провокативен документ, насочен кон поткопување на уставните темели на Македонија, згора на тоа, изготвен со непосредно учество на шефот на владата на Албанија“, потенцира Лукашевич.

„Се забележува јасната желба да се стави албанското население во земјата во привилегирана положба. Предизвикува голема загриженост фактот дека во процесот на формирање на македонската влада интервенира тнр. „шеф“ на косовската квазидржавна креација, засилувајќи ги националистичките страсти. Но што е со останатите народи кои живеат во Македонија? Како кореспондира ова на одредбите на  Охридскиот рамковен договор? Сметаме дека ваквите иницијативи, кои експлицитно носат во себе големоалбанска идеолошка компонента, заслужуваат недвосмислена осуда“, изјави Лукашевич.

Според зборовите на постојаниот претставник на РФ, провоцирањето етнички тензии во Македонија е крајно опасно не само за земјата, туку и за целиот регион.

„Мешањето во внатрешните политички процеси на земја-членка на ОБСЕ е неприфатливо, без разлика со какви добри намери се објаснува тоа. Таквите чекори го поткопуваат кредибилитетот на ОБСЕ и се спротивни на договорените на меѓудржавно ниво овластувања на институциите на ОБСЕ“, изјави Лукашевич, пренесува РИА „Новости“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња