Аваков ѝ ветува на Русија десетици илјади убиени, на Европа – бран бегалци

Во случај на руски воен напад на Украина, Русија и Европа ги очекуваат „катастрофални последици“, изјави за „Ди Велт“ украинскиот министер за внатрешни работи Арсен Аваков.

Ако Западот ѝ даде на Русија слобода да дејствува, Украинците одлучно ќе ѝ се спротивстават на „путиновата агресија“, изјави во интервју за „Ди Велт“ министерот за внатрешни работи на Украина Арсен Аваков.

Инвазијата врз Украина ќе заврши со „огромен број жртви“, предупредува Аваков. „Украина можеби и ќе ја загуби независноста и ќе престане да постои како држава“, меѓутоа, и Русија ја очекуваат „катастрофални последици“, убеден е украинскиот министер.

„Не сум сигурен дека режимот на Путин ќе ги издржи загубите, а ќе има десетици илјади убиени“, вели министерот. „Украинската војска има 250 илјади војници. Имаме 130 илјади полицајци, граничари и борци на Националната гарда. Да се решава судбината на Украина зад наш грб е едноставно невозможно. Ако Путин стане поагресивен и се обиди да го реши прашањето со оружје, резултатот ќе биде катастрофален“, смета Аваков.

Според него, во случај на заострување на ситуацијата во Украина, на Европската унија ѝ се заканува уште една миграциска криза. „На границата на ЕУ ќе се појави голема територија со која ќе управува добро наоружан марионетски режим на Русија, а ЕУ ќе ја заплисне бран бегалци“, додава тој.

Украинскиот министер исто така смета дека за Европа тоа ќе биде поголема трагедија од сириската. „Во овој судир Европа едноставно нема право да застане на страната на Русија“, истакнува Аваков, пренесува RT.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња