Путин: Киев сака да изнуди пари со заострувањето на конфликтот во Донбас

Претседателот на Русија Владимир Путин смета дека причина за заострувањето на конфликтот во Донбас е тоа што украинските власти сакаат да изнудат пари од меѓународната заедница и да ја замолкнат опозицијата поради очигледните свои неуспеси во социјалната и економската политика.

Причина за влошување на конфликтот во Донбас е потребата на Киев за пари и желбата на украинските власти да се претстават како жртва во очите на европските партнери. Ваква изјава даде рускиот претседател Владимир Путин на заедничката прес-конференција со унгарскиот премиер Виктор Орбан во Будимпешта, пренесува во четвртокот, 2 февруари, „Лента.ру“.

„Првата причина лежи во фактот што на украинското раководство денес му требаат пари. А пари најдобро можат да се изнудат и од Европската унија, и од некои европски земји, од САД и од меѓународните финансиски институции, претставувајќи се како жртва на агресија“, изјави Путин.

Притоа тој потенцираше дека сегашните украински власти ги поддржуваа противниците на новиот претседател на САД Доналд Трамп. Според Путин, „сега тие сакаат да ги подобрат односите со сегашната администрација (на САД), и преку конфликт тоа е секогаш најдобро“.

Рускиот лидер додаде дека до обновата на борбените дејствија исто така довеле и домашните политички фактори во Украина. Според рускиот претседател, „поради очигледните неуспеси во сферата на социјалната и економската политика“ се активираше украинската опозиција. „Таа треба да биде замолчена, треба да се мобилизира населението околу актуелното раководство. Таа задача исто така лесно се постигнува преку обнова на некој конфликт“, истакна шефот на руската држава.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња