Сноуден ја коментираше информацијата за негова можна екстрадиција во САД

Едвард Сноуден и неговиот адвокат Анатоли Кучерена се јавија со коментар по повод соопштенијата на американските медиуми дека руските специјални служби наводно ја разгледуваат идејата за екстрадиција на поранешниот припадник на американската Агенција за национална безбедност како „подарок“ за претседателот на САД Доналд Трамп.

Поранешниот припадник на Агенцијата за национална безбедност на САД Едвард Сноуден изјави дека информацијата што беше објавена во медиумите дека Русија наводно ја разгледува можноста за негово испорачување како „подарок“ за американскиот претседател Доналд Трамп е доказ дека тој никогаш не бил поврзан со разузнавачките служби на Руската Федерација. Ова тој го соопшти на својата страница на „Твитер“, пренесува ТАСС.

„Конечно: непобитниот доказ дека никогаш не сум работел за руското разузнавање. Ниедна земја нема да ги испорачува своите шпиони, зашто другите ќе мислат дека тие се на ред“, напиша Сноуден.

Адвокатот на Сноуден Анатоли Кучерена изјави Русија нема никаква основа за испорачување на неговиот клиент на САД и ги нарече таквите информации „шпекулации“ и додаде дека Русија „не се занимава со трговија со луѓе“, пренесува РИА „Новости“.

Повторното актуализирање на „несвежите приказни“ се со цел да се изврши притисок врз Белата куќа, смета портпаролот на МНР РФ Марија Захарова.

„Сето тоа не се изјави на претставници на специјалните служби, туку информација на телевизиите Ен-Би-Си и Си-Ен-Ен кои се повикуваат на неименувани извори во специјалните служби. Разликата е суштинска, но само за стручњаците. За вознемирување на јавното мислење и за задржување на одреден степен доста корисна технологија. Очигледно е дека притисокот врз новата администрација од страна на политичките опоненти во САД продолжува, тргувањето е во ек“, напиша Захарова на „Фејсбук“.

Захарова потсети дека надворешнополитичката доктрина на Белата куќа сѐ уште не е формирана поради фактот што на новата администрација не ѝ се дозволува да работи. Во исто време, извор на таквите соопштенија не се специјалните служби „така може да им се чини само на оние кои не ја разбираат суштината на играта“, потенцира таа.

Претходно во саботата американскиот ТВ-канал Ен-Би-Си соопшти дека разузнавањето на САД добило информација дека руските специјални служби наводно ја разгледуваат идејата за екстрадиција на Сноуден како „подарок“ за претседателот Трамп.

Авторските права на материјалите се во сопственост на редакцијата. При објавувањето на материјали од порталот „Руска реч на македонски“ во друг медиум, задолжително треба да се постави активен линк кон страницата од која е преземен текстот.
+
Лајкнете нѐ на Фејсбук.