„Балкан Инсајт“:Црна Гора ризикува да заглави поради новата политика на САД

Протоколот за зачленување на Црна Гора во НАТО е сѐ уште на разгледување во американскиот Сенат, пишува „Балкан Инсајт“. Судејќи според сѐ, причината за одложувањето на гласањето е затоплувањето на односите меѓу Москва и Вашингтон. Желбата на Подгорица да стане „полноправна членка на западната алијанса“ може на крај да заврши со целосен неуспех, истакнува изданието.

Сенатот на САД сѐ уште не го ратификувал протоколот за пристапување на Црна Гора во НАТО, соопштува „Балкан Инсајт“. И покрај тоа, раководството на балканската република е убедено дека тоа е само прашање на време и дека земјата сепак ќе стане „полноправна членка на западната алијанса“, истакнува изданието.

Како што претпоставуваат некои од американските медиуми, прашањето за зачленувањето на Црна Гора во НАТО може да стане „првиот тест за издржливоста“ на новите односи меѓу Русија и САД, продолжува „Балкан Инсајт“.

Покрај тоа, во Вашингтон се искажуваат мислења дека затоплувањето во американско-руските односи е токму причина за одложувањето на гласањето во Сенатот, пишува изданието.

„Балкан Инсајт“ укажува на фактот дека пред неколку години таквото гласање би било само „формалност“. Изданието мисли на поддршката што САД им ја дадоа на Словенија, Хрватска и Албанија во периодот на зачленувањето на овие земји во НАТО.

„Изборот на Трамп уште повеќе ја загреа дебатата за иднината на Северноатлантската алијанса. Без поддршка од новата администрација барањето на Црна Гора би можело да заврши со целосен неуспех“, го цитира „Балкан Инсајт“ американското издание „Хил“. Ако Сенатот гласа против или пак воопшто не се одржи гласање, во оваа ситуација „победник ќе биде Русија“, со оглед на постојаните приговори на Москва на зачленувањето на Црна Гора во НАТО, потенцира изданието, пренесува РТ на руски.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња