Топ-менаџер на „Касперски“ уапсен во истрага за велепредавство

Руските безбедносни органи уапсија еден од вработените на „Лабораторијата на Касперски“, руска компанија, еден од светските лидери во сферата на сајбер-безбедноста. Медиумите соопштуваат дека тој бил уапсен за велепредавство, поврзувајќи го апсењето со случајот на еден високопоставен припадник на ФСБ.

Прес-службата на „Лабораторијата на Касперски“ на 25 јануари ги потврди информациите за апсењето на шефот на одделот за истрага на компјутерски инциденти на компанијата Руслан Стојанов. Од прес-службата потенцираат дека апсењето нема никаква врска со компанијата и нејзиното работење.

Во коментарот за телевизискиот канал РТ (Russia Today) од прес-службата на „Касперски“ потенцираат дека Стојанов не е еден од главните менаџери на компанијата, иако се наоѓа на чело на еден од одделите. Компанијата додава дека тој не бил вработен во компанијата кога била поднесена кривичната пријава против него.

Според информациите на весникот „Комерсант“, Руслан Стојанов бил уапсен уште во декември. Повикувајќи се на извор во Федералната служба за безбедност на РФ, изданието соопштува дека за истото дело е уапсен и заменикот-шеф на центарот за информатичка безбедност на таа институција Сергеј Михајлов.

Според податоците на „Комерсант“, Управата за внатрешна безбедност на ФСБ спроведува истрага против еден од замениците-шефови на центарот. Припадниците на управата ги проверуваат врските на центарот со приватни компании кои соработувале со единицата при вршењето вештачења за сајбер-престапи.

Истрагата се врши според членот за велепредавство. Според информациите на извори на весникот, ФСБ ги проверува наводите за добивање пари од странска организација од страна на службеник на центарот. Посредник наводно бил службеникот на руската компанија во сферата на информатичката безбедност.

Изворите на изданието го наведуваат Сергеј Михајлов како еден од клучните вработени на центарот кој „во суштина го надгледува целиот интернет-бизнис во земјата“. Поради овој неформален статус на Михајлов по истражувањето на ситуацијата во центарот, учесниците на пазарот на сајбер-безбедност и електронско тргување во Русија, веројатно, ќе мораат повторно да ги градат односите со државата.

Одделот за истражување на компјутерски инциденти на „Лабораторијата на Касперски“ во текот на последниве неколку години соработуваше со ФСБ и МВР РФ во однос на сајбер-криминалот и експертизата на кривичните дела во сферата на сајбер-безбедноста. Како што пишува „Комерсант“, до 2006 година Руслан Стојанов работел во управата за специјални технички мерки на московската милиција.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња