САД ги проширија санкциите против Русија

Министерството за финансии на САД во понеделникот врз основа на „законот Магнитски“ воведоа санкции против пет државјани на Руската Федерација, вклучувајќи го претседателот на Истражниот комитет на РФ Александар Бастрикин.

Според објавеното соопштение на министерството за финансии на САД, на списокот, покрај Бастрикин, се најдоа и Андреј Луговој, Дмитриј Ковтун, Станислав Гордиевски и Генадиј Плаксин, пренесува РИА „Новости“.

Покрај тоа, американското министерство соопштува дека поради врски со забранетата во САД терористичка група „Хезболах“, на списокот со санкции се ставени и државјанинот на Либан Али Дамуш и државјанинот на Иран Мустафа Мугние.

САД во декември 2012 година го донесоа „законот Магнитски“ за санкции против Руси, вмешани, според мислењето на американските власти, во кршење на човековите права. Руските власти, од своја страна, повеќе пати изјавуваа дека е недозволива политизацијата на „случајот Магнитски“.

Службеникот на големиот инвестициски фонд „Ермитаж капитал менаџмент“ Сергеј Магнитски, кого руската полиција го обвини за даночна измама, почина во затвор во ноември 2009 година по една година отслужување на казната. Неговата смрт предизвика широка реакција во јавноста како во Русија, така и во странство.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња