Медиум:Франција ќе го удвои бројот на „сајбер-воини“ за да се заштити од РФ

Франција ќе извлече поука од настанатата ситуација со сајбер-нападите во САД. Министерот за одбрана Жан Ив Ле Дриан изјави дека неговиот оддел ќе го удвои бројот на „сајбер-воини“ до 2019 година. Според него, ако Русија навистина се вмешала во текот на претседателските избори во САД, таквите акции се еднакви на напад врз западната демократија во целина, а притоа Франција на планот на сајбер-безбедноста „не е помалку ранлива“ од Америка, пренесува „Дејли Телеграф“.

Франција планира да ги зајакне мерките за заштита на институциите и инфраструктурата на земјата против хакерски напади. Ова го соопшти францускиот министер за одбрана Жан-Ив Ле Дриан. Според него, француското разузнавање се обидува да „извлече поука за во иднина“ од ситуацијата во САД, пренесува „Дејли Телеграф“.

Според Ле Дриан, ако Русија навистина се вмешала во текот на претседателските избори во САД, таквите акции се еднакви на напад врз западната демократија во целина. Во исто време, Франција и нејзините политички партии се „не помалку ранливи“, истакна шефот на француското Министерство за одбрана.

Ле Дриан смета дека поради претстојните претседателски избори, кои треба да се одржат во април-мај оваа година, Франција очекува нагло зголемување на бројот на хакерски напади врз телекомуникациите и транспортните мрежи, електроенергетскиот систем и медиумите. Како одговор на тоа, француските вооружени сили до 2019 година планираат да го удвојат бројот на специјално обучени „сајбер-воини“ на 2600 луѓе. Покрај тоа, поддршка ќе им обезбедуваат уште 600 експерти.

„Не треба да бидеме наивни. Сајбер-заканите, вклучително и за нашите воени системи, станаа сериозен проблем“, изјави Ле Дриан. Според него, бројот на хакерски напади врз компјутерските системи на францускиот одбранбен ресор секоја година се зголемува двојно.

Изданието истакнува дека изборите во Франција претставуваат интерес за Русија, бидејќи најмалку двајца кандидати се залагаат за ревизија на односите меѓу двете земји. Фаворитот во предизборната трка, Франсоа Фијон, сака да изгради нови односи со Москва, како и да работи заедно во конфликтот во Сирија. Зближување со Русија, исто така, сака и кандидатот на партијата „Национален фронт“ Марин Ле Пен, пренесува ИноТВ.

Авторските права на материјалите се во сопственост на редакцијата. При објавувањето на материјали од порталот „Руска реч на македонски“ во друг медиум, задолжително треба да се постави активен линк кон страницата од која е преземен текстот.
+
Лајкнете нѐ на Фејсбук.