Медиум: на изборите во Европа „гарантирано ќе победи Путин“

Во 2017 година во Франција, Германија и Холандија ќе се одржат избори и влог нема да биде само иднината на еврото, туку и на целата Европска унија, пишува „Тајмс“. Во исто време, смета изданието, „единствениот загарантиран победник на изборите“ ќе биде претседателот на Русија Владимир Путин.

Минатата година, пишува „Тајмс“, Европската унија доби предупредување за „претстојната ампутација“. Годинава ЕУ ќе дознае како нејзините конститутивни народи си го замислуваат животот „без британскиот екстремитет“.

Изборите, барем во три од шест земји-основачи на Европската унија ќе зависат од истите прашања кои го одлучија исходот на британскиот референдум, имено имиграцијата, безбедноста и суверенитетот. Но, овој пат во прашање е судбината на еврото и иднината на целата унија. А „единствениот загарантиран победник“, Владимир Путин, не е дури ни член на ЕУ, пишува весникот.

Избори „неминовно“ се приближуваат, се вели во статијата. Веќе во март Холанѓаните ќе избираат членови на новиот парламент. Во април ќе се одржат претседателските избори во Франција, на кои, најверојатно, ќе има втор круг гласање во мај. А во септември или октомври националните избори ќе се одржат во Германија, и токму тогаш ќе стане јасно дали Меркел ќе биде во можност да ја преброди бурата, организирана од нејзината политика на отворени врати за мигрантите и по четврти пат ќе ја земе функцијата канцелар.

Секое од овие гласања ќе има влијание на следното. Покрај тоа, сликата може да ја комплицираат и предвремени избори во Велика Британија и Италија.

Сепак, општо земено, ситуацијата е едноставна: најверојатно, убеден е „Тајмс“, победата ќе им припадне на десничарските сили, кои презедоа голем број на идеи од екстремната десница, за да не им дозволат на вториве да дојдат на власт. Притоа, на пример во Франција, без оглед на исходот, освен изненадувачка победа на левиот центар на Емануел Макрон, претседател ќе стане „обожавател на Путин“, се вели во статијата. Оние кои во Франција и Холандија се придржуваат до жестока линија во однос на прашањето на миграцијата, имаат „незначителни шанси“ да триумфираат. Сепак, тие сѐ уште претставуваат закана за целиот европски проект.

Така, лидерот на француската партија „Национален фронт“ Марин Ле Пен се залага за отфрлање на еврото и ветува дека ќе одржи референдум за членството на нејзината земја во ЕУ. Лидерот на холандската Партија на слободата Герт Вилдерс сака да одржи не само референдум, туку и да им забрани на мигрантите од муслиманските земји да влезат во Холандија.

„Во Европа национализмот е во пораст, додека идејата за наднационалност го губи својот сјај. Но, тоа не значи дека ЕУ е осудена на пропаст“, пишува „Тајмс“. „Сепак, европските политичари, доколку сакаат да доминираат, ќе мора да реагираат на загриженоста на уплашеното малцинство. Тие треба да ја осигураат безбедноста на надворешните граници на унијата и да изработат континуирана миграциона политика. Г-ѓа Ле Пен знае дека во случај на неуспех, историјата строго ќе ги казни. Таа е уверена дека 2022 година ќе биде нејзина година. Цивилизираниот центар треба да се погрижи тоа да не се случи“, заклучува „Тајмс“, пренесува ИноТв.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња