Тајните служби на САД го обвинуваат Путин за хакерските напади

Претседателот на Русија Владимир Путин лично наредил да се организира кампања со цел да се влијае врз политичкиот процес во САД и да се дискредитира кандидатот за претседател на Демократската партија Хилари Клинтон, се вели во декласифицираната верзија на извештајот подготвен од ЦИА, ФБИ и Агенцијата за национална безбедност на САД.

„Според нашите проценки, претседателот на Русија Владимир Путин наложил да се почне во 2016 година кампања за влијание врз претседателските избори во САД. Целта на Русија беше поткопување на довербата на јавноста во демократските процеси на САД, оцрнување на државниот секретар Клинтон и нанесување штета на нејзините шанси да биде избрана за претседател“, се вели во извештајот што го пренесува „Лента.ру“.

Авторите на документот сметаат дека руските власти „даваа јасна предност на новоизбраниот претседател Трамп“. „Ние исто така сметаме дека Путин и руската влада се обидуваа да ги зголеми шансите на Трамп за избор, вклучително и преку можното нарушување на угледот на државниот секретар Клинтон“, сметаат американските разузнавачки служби.

Авторите на извештајот тврдат дека обемот на вмешаност во изборната кампања е без преседан, притоа руските разузнавачки служби, наводно, имале пристап до различни изборни комисии на САД на државно и на локално ниво. Покрај тоа, за влијание врз изборите Москва, наводно, ги искористила медиумите, вклучувајќи го и ТВ-каналот РТ.

Како што сметаат разузнавачките служби на САД, зад хакерот Гучифер 2.0 (Guccifer 2.0) и сајтот DCLeaks.com, кои се вмешани во сајбер-нападите врз компјутерските системи на САД, стои Главната управа за разузнавање на Генералштабот на ВС РФ. Украдените информации како резултат на тоа, како што е наведено во извештајот, биле доставувани до медиумите и „ВикиЛикс“.

Во документот се истакнува дека некои од заклучоците се врз основа на однесувањето на „лојални на Кремљ политичари“, државни медиуми и проруски профили на социјалните мрежи кои, според извештајот, се финансираат од страна на Русија

Во преамбулата на извештајот се наведува дека американските разузнавачки служби не се обиделе да го проценат влијанието на активностите, зад кои наводно стои Москва, врз исходот на претседателската кампања во САД. Во исто време, авторите на документот признаваат дека сајбер-нападите не влијаеле на пребројувањето на гласовите на изборите.

На 6 јануари новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, по средбата со претставници на разузнавачките служби, посветена на сајбер-нападите, призна дека различни земји, вклучувајќи ги и Русија и Кина, вршат сајбер-напади врз владините агенции во САД, но изрази уверување дека хакерите не влијаеле врз исходот од изборите. Претходно во текот на денот, тој ги нарече изјавите за обидите на Москва да влијае на исходот на изборите во САД „лов на вештерки“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња