Кери призна дека „ресетирањето“ на односите со Русија било полезно

Американскиот државен секретар Џон Кери во исто време признава дека Русија и САД „имаат сериозни несогласувања во однос на цела низа проблеми“.

„Ресетирањето“ на односите меѓу САД и Русија кое беше извршено на почетокот на првиот претседателски мандат на Барак Обама беше полезно, меѓу другото, во однос на намалување на вооружувањето, Вашингтон е подготвен да соработува со Москва во сферите од заемен интерес, се наведува во писмото на американскиот државен секретар Џон Кери напишано по повод завршувањето на работата на актуелната администрација.

„За време на првиот мандат на претседателот Обама, САД и Русија извршија ресетирање на нашите односи, што ни донесе значајна полза, вклучувајќи и контрола на вооружувањето и организацијата на патиштата за снабдување на нашите војници во Авганистан. Во низа случаи успеавме да соработуваме во сферите од заеднички интерес: преговорите за нуклеарниот договор со Иран, заштитата на морските региони и координацијата на активностите поврзани со Арктикот“, истакна шефот на американската дипломатија, пренесува ТАСС. Во своето писмо тој исто така потсетува дека со помош на Русија, од Сирија беше изнесено хемиското оружје.

Истовремено, признава Кери, Русија и САД „имаат сериозни несогласувања за низа прашања“. Тој пред сѐ укажува на кризата во Украина, потсетувајќи на санкциите против Русија. Покрај тоа, меѓу „сериозните предизвици за билатералните односи и меѓународната стабилност“ шефот на Стејт Департментот ги вбројува сајбер-нападите кои неосновано им се припишуваат на руските власти и „воената интервенција во Сирија“. Меѓутоа, САД, според него, продолжуваат да бараат „сфери во кои соработката со Русија би била во наш интерес“.

Авторските права на материјалите се во сопственост на редакцијата. При објавувањето на материјали од порталот „Руска реч на македонски“ во друг медиум, задолжително треба да се постави активен линк кон страницата од која е преземен текстот.
+
Лајкнете нѐ на Фејсбук.