Русија подготвена да го намири долгот на СССР спрема БиХ

Владата на Русија го одобри нацрт-договорот за отплата на долгот на СССР спрема Југославија во износ од 125 милиони американски долари.

Се очекува соодветниот договор да биде потпишан меѓу Советот на министри на Босна и Херцеговина и руската влада. Документот е објавен на официјалниот портал за правни информации во четвртокот, 22 декември, пренесува „Лента.ру“.

Во текстот на договорот се вели дека обврските на Советскиот Сојуз спрема Југославија изнесуваат 200 милиони клириншки долари (валутата во клиринг е пресметковна единица во рамките на која се вршат трансакции помеѓу земјите кои имаат склучено клириншки договор; договорот за плаќања во долари беше потпишан од страна на Москва и Белград во 70-тите години на минатиот век).

Според договорот меѓу двете земји, еден клириншки долар е еднаков на 0,625 американски долари. На тој начин, Русија треба да врати 125 милиони американски долари.

Притоа Москва ќе ѝ исплати 58 отсто директно на Босна и Херцеговина, 29 отсто на Република Српска, 10 отсто за потребите на властите на Босна и Херцеговина и уште три проценти на дистриктот Брчко.

Во текот на изминатите 20 години, Москва им отпиша повеќе од 140 милијарди долари на странските должници. Најголеми случаи беа простувањето на долгот на Куба (30 милијарди долари) и на Северна Кореја (11 милијарди долари).

Во 2006 година Русија во целост го врати долгот на СССР кон Парискиот клуб во висина од 23,7 милијарди долари. Во 2013 година, Москва го сервисираше долгот спрема Чешка (3,6 милијарди долари), Црна Гора (18 милиони) и Финска (30 милиони евра). Во 2000 година, Руската Федерација го плати долгот на царска Русија кон Франција, чие враќање Париз го чекаше повеќе од 100 години.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња