Анкета: Мнозинството Руси сакаат развој на односите со Западот

Во споредба со јули минатата година, бројката на руски граѓани кои сакаат подобрување на односите со Западот нагло порасна.

Поголемиот дел од руските граѓани (71%) се залага за проширување на економските, политичките и културните врски и зближување со западните земји - оваа бројка значително се зголеми во однос на јули 2015 година (50%), соопштија за „Интерфакс“ од „Левада-центарот“.

Во исто време има сѐ помалку од оние кои се искажуваат за прекин на врските, односите, оддалечување од Западот (17% сега и 37% во јули 2015 година), покажува анкетата спроведена од 18-21 ноември меѓу 1.600 луѓе во 137 населени места од 48 региони на РФ.

Според 70% од испитаниците, во решавањето на меѓународните проблеми Русија сега игра важна улога, на пример, 13% сметаат дека улогата на земјата во овие прашања е решавачка. Спротивно мислење делат 27% од испитаниците.

Одговарајќи на прашањето на социолозите, секој втор испитаник (52%) изјавил дека западните земји-членки на НАТО немаат причина да се плашат од Русија, додека 37% сметаат дека такви причини има (неопределени се 10%).

Во исто време РФ, според 57% од испитаниците, има причина да се плаши од земјите-членки на НАТО (31% не мислат така, 12% се неопределени).

Покрај тоа, според истражувањето, мислењето на Западот за Русија е важно за 44% од Русите, за 51% е неважно.

Авторските права на материјалите се во сопственост на редакцијата. При објавувањето на материјали од порталот „Руска реч на македонски“ во друг медиум, задолжително треба да се постави активен линк кон страницата од која е преземен текстот.
+
Лајкнете нѐ на Фејсбук.