Медиум: Сите избори во светот ги доби Путин

Неодамнешните победи на претседателските избори во САД, Бугарија и Молдавија, како и на внатрепартиските избори на републиканците во Франција укажуваат на пресврт во светската политика, затоа што сите победници се почитувачи на Путин, па дури и пријатели, пишува италијанскиот весник „Ил Џорнале“.

Во последниве две недели Доналд Трамп победи на изборите во САД, Франсоа Фијон на внатрепартиските избори републиканците во Франција и така се стекна со добри шанси следната година да влезе во Елисејската палата, додека Игор Додон стана претседател на Молдавија, а Румен Радев на Бугарија, пишува италијанскиот весник „Ил Џорнале“.

Четирите настани, кои на прв поглед на било кој начин не се поврзани, може да навестат пресврт во светската политика. Сите победници се почитувачи, па дури и лични пријатели на Владимир Путин, чија цел е (барем во програмите) да се стави крај на постојниот конфликт со Русија. Парадоксално, би можело да се каже дека „царот“ стана вистински победник во тој круг на избори, се вели во текстот.

Очигледно е дека има различни нијанси во неговата врска спрема наведените актери. Трамп во неколку наврати изрази воодушевеност од Путин, нарекувајќи го вистински лидер и давајќи му до знаење дека не планира да ја продолжи политиката на остро противење на Русија, каква што водеше администрацијата на Обама. Имајќи ја во предвид подготвеност за помирување и сакајќи да му соопшти на светот дека сака да соработува со Трамп во насока на подобрување на односите меѓу двете земји, Путин меѓу првите му ја честиташе победата на новиот претседател на САД, констатира „Ил Џорнале“, пренесуваат руските медиуми. 

Во моментов, меѓутоа, никој точно не знае каква иницијатива Трамп планира да преземе со цел да стави крај на новата Студена војна која започна по украинската криза како и тоа дали ќе биде во можност да го совлада отпорот спрема обновувањето на односите со Кремљ кој го пружаат неговите блиски соработници од воениот естаблишмент во Вашингтон. Мит Ромни, најверојатно, новиот државен секретар на САД, исто така е непријателски расположен спрема Москва, пишува италијанскиот весник.

Многумина аналитичари и медиуми почнаа да го предупредуваат Трамп за последиците од отстапките спрема Путин, доколку тој навистина ја признае анексијата на Крим и му даде на Путин слобода да дејствува во Сирија, меѓутоа, атмосферата веќе е изменета во споредба со многу студениот односот меѓу Обама и Путин, чиј симбол стана студеното ракување на самитот во Лима. Сепак, најмногу за три месеци ќе дознаеме многу повеќе за тоа во каква состојба се односите меѓу Путин и Трамп, смета „Ил Џорнале“.

Неочекуваната победа на Фијон кој сѐ до неодамна изгледаше само како набљудувач на политичка конфронтација меѓу Саркози и Жипе може да се смета токму за вистински голема победа на Путин. Блиските односи меѓу нив за кои малку се знаеше,  датираат од пред осум години кога двајцате беа премиери на своите земји, Фијон за време на Саркози, Путин за време на  Медведев.

Односите продолжија и откако Фијон стана обичен пратеник, а Путин повторно се најде на позицијата претседател. Фијон беше канет во резиденцијата во Подмосковје, како и во Сочи, а сега има одлични шанси во трката за Елисејската палата и не ја крие својата програма: укинување на антируските санкции, прекин на распоредувањето на силите на НАТО на границата со Русија, достанца во односите со САД (дури и го користеше терминот американски империјализам, следејќи ја деголовската традиција), блиска соработка со Кремљ во борбата против Исламската држава, како и ставање крај на непријателствата спрема рускиот сојузник Асад.

Изборите во Молдавија беа борба меѓу проруските политичари кои сега ќе ја раскинат спогодбата со ЕУ за да влезат во Евроазиската царинска унија на Русија и прозападните. Бугарија останува членка на НАТО и Европската унија, каде што може да влијае на одлуките кои се носат едногласно, пишува италијанскиот весник истакнувајќи дека изборите во Молдавија и Бугарија имале помала тежина.

Ако на тоа се додаде фактот дека во Германија, без оглед на Меркел, и понатаму останува силна проруската партија чиј член е Шредер и на која ѝ се наклонети големите стопанственици, дека Италија не само што има голем пријател на Москва во ликот на Берлускони, туку, исто така, не би имала ништо против укинување на санкциите, дека Москва има одлични врски со Кипар, Грција и Србија, тогаш Путин навистина има многу причини за радост, заклучува италијанскиот весник.

 

 

 

 

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња