Украински министер ги нарече сонародниците од Донбас „генетски дефектни“

Министерот за култура на Украина Евгениј Нишчук изјави дека во градовите од југоисточна Украина дел од населението го сочинуваат дојденци, со „дефектна генетика“, и затоа украинската култура бавно се пробива таму.

„Ситуацијата што настана на истокот и на југот е нарушување на свеста. Покрај тоа, кога зборуваме за генетика во Запорожје и Донбас, не смееме да заборавиме дека овие градови ги сочинува доселено население. Таму нема генетика, тоа се плански населени градови. Черкаси е славен хетмански и Шевченков крај. Половина од градот Черкаси го прават дојденци. Зошто? Затоа што се плашеа од духот на Шевченко. Тоа беше технологија на Советскиот Сојуз“, изјави украинскиот министер за култура во емисијата „Слобода на говорот“ на телевизијата ICTV, одговарајќи на прашањето за причините за бавното продирање на украинската култура на југоисткот на Украина, пренесува „Рамблер“.

Министерот притоа смета дека тоа „нарушување на свеста“ може да се елиминира со развој на културата и работата на културните работници.

„Тоа е книгата, воспитувањето на децата, многу уметнички настани, филм и така натаму. Во моментов ние пред сѐ го отворивме Институтот на книгата, купивме речиси 40 милиони книги за дистрибуција низ Украина“, рече министерот.

Портпаролот на рускиот дипломатски ресор Марија Захарова, коментирајќи ја на својот „Фејсбук“ профил изјавата на украинскиот министер изрази сомневање во однос на соодветната реакција на западните колеги на овие зборови.

„Никој во овие зборови нема да види ништо посебно, најверојатно нема ни да ги забележи. Колку се само возбудени кога ќе се споменат човековите права, а колку се студени кога станува збор за политички непријатни региони, напиша Захарова.

„За какво спроведување на „Минската спогодба“ од страна на Киев може да се зборува ако украинската влада на Донбас гледа како на различна културно-генетска категорија на луѓе чија свест од перспектива на министерот за култура е предмет на корекција“, се прашува портпаролот на руското Министерство за надворешни работи.

 

Авторските права на материјалите се во сопственост на редакцијата. При објавувањето на материјали од порталот „Руска реч на македонски“ во друг медиум, задолжително треба да се постави активен линк кон страницата од која е преземен текстот.
+
Лајкнете нѐ на Фејсбук.