Путин: Русија нема да плаќа за европскиот избор на Украина

Претседателот на РФ Владимир Путин, во интервју за филмот на Оливер Стоун „Украина в оган“, кој ќе се емитува денеска на телевизијата РЕН ТВ, зборуваше за ситуацијата со Украина.

Според Путин, украинскиот народ по распадот на СССР доживеа систематски грабеж, кој се случуваше без разлика кој беше на власт во таа земја. Шефот на руската држава укажа на „дивата приватизација“ и грабежот на државниот имот, како и падот на животниот стандард кои почнаа веднаш откако Украина се стекна со независност, пишува ТАСС.

„И независно од тоа како се менуваше власта, за животот на обичниот граѓанин ништо не се менуваше, таму се случуваше едноставно систематски грабеж на населението, грабеж на граѓаните, грабеж на украинскиот народ. И, се разбира, луѓето едноставно се уморија од таа произволност, од таа апсолутно луда корупција“, изјави претседателот на Русија.

Коментирајќи ја ситуацијата околу потпишувањето од страна на Киев на договорот за асоцијација со ЕУ, Путин истакна дека Русија и Украина имаа уникатни економски односи, кои беа изразени, на пример, преку тоа што пазарите на Русија беа апсолутно достапни за украинските стоки, а царинските граници – потполно отворени.

„На тој начин, Европската Унија влегуваше со сите свои стоки на наша територија без било какви преговори“, ги објасни рускиот претседател причините за загриженоста на Москва во врска со подготовката на тој документ во 2013 година. Во исто време, продолжи Путин, руската страна поаѓаше од претпоставката дека „ако Украина реши да постапи така - тоа е нејзин избор“.

„Ние го почитуваме тој избор, но не треба да го плаќаме тој избор“, заклучи шефот на руската држава.

Авторските права на материјалите се во сопственост на редакцијата. При објавувањето на материјали од порталот „Руска реч на македонски“ во друг медиум, задолжително треба да се постави активен линк кон страницата од која е преземен текстот.
+
Лајкнете нѐ на Фејсбук.