Медиум: ЕУ се плаши од несогласување со Трамп околу Русија

Министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ во неделата вечер на итен состанок во Брисел ќе разговараат за тоа како да градат односите со САД околу клучните прашања како што се Русија и Иран, соопштува „Вол Стрит Џурнал“.

Како повод за средбата послужи изборот на Доналд Трамп за претседател на САД. Настанот ќе се одржи во форма на неформална вечера еден ден пред заедничкиот состанок на министрите за надворешни работи и за одбрана. Предлогот за состанокот бил на шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини неколку часа по победата на Трамп на изборите во САД.

ЕУ активно соработуваше со администрацијата на Обама во она што се однесуваше на економскиот притисок врз Русија поради украинската криза, како и во однос на иранската нуклеарна програма.

Администрацијата на Трамп планира да се фокусира на внатрешните прашања на САД, а не на европските проблеми што, според мислењето на голем број претставници на Европската унија, ѝ се заканува на Европа со сериозни тешкотии.

Според дипломатите на кои се повикува весникот, главната причина за нивната загриженост се состои во тоа што европските влади првпат по неколку децении немаат идеја каква ќе биде надворешната политика на следниот американски претседател.

„Изборот на г-дин Трамп ја усложнува ситуацијата со планираното продолжување на санкциите против Русија. Тоа е прашање кое бара сериозна дискусија“, изјави за „Вол Стрит Џурнал“ еден дипломат.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња