Русија свика вонредна седница на Советот за безбедност на ОН по повод воздушните напади кои коалицијата на чело со САД ги изврши врз сириската војска, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи на Русија Марија Захарова. „Постојаниот претставник на Русија во ОН има задача итно да го свика Советот за безбедност по ова прашање“, изјави Захарова за телевизијата „Русија 24”, пренесува РИА „Новости”.
„Бараме од Вашингтон целосни и детални објаснувања. Објаснувањата треба да бидат дадени во Советот за безбедност на ОН“, додаде таа.
Претходно беше соопштено дека авиони на меѓународната коалиција за борба против „Исламската држава“, на чие чело се САД, извршиле напади врз позициите на сириската војска во провинцијата Деир ез Зор.
Портпаролот на Министерството за одбрана на Русија Игор Конашенков изјави дека се извршени четири напади врз сириските сили опколени од терористите на ИД во реонот на воениот аеродром на Деир ез Зор. Загинаа 62 војници, а околу 100 се ранети, пренесува РИА „Новости”. Веднаш по нападот терористите на ИД тргнаа во офанзива, изјави портпаролот на Министерството за одбрана на Русија.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче