„САД и Русија објавуваат план кој, се надеваме, ќе ги прекине страдањата во Сирија и ќе овозможи да се премине на политичкиот процес“, изјави Џон Кери, пренесува „Взгљад“.
Според него, Русија и САД ги повикуваат сите страни во сирискиот конфликт да го подржат режимот на прекин на воените дејствија од 12 септември, со тоа што борбата против тероризмот ќе биде продолжена. Тој изјави дека и од денеска треба да почне диференцијацијата на опозицијата од терористичката група „Ан Нусра“, за што ќе биде формиран посебен центар. Тој наведе дека режимот на прекин на огнот треба да се однесува на Алепо и дека таму што побрзо треба да се создаде демилитаризирана зона.
Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров изјави дека Москва и Вашингтон ќе ги договараат воздушните удари врз позициите на милитантите, како и зоните во кои нема да има бомбардирање, а каде се наоѓа локалната опозиција.
Што се однесува до планот во целина, Лавров рече дека Русија и САД формирале солиден, конкретен пакет документи. Меѓутоа, бидејќи содржи мошне сериозни, чувствителни информации, за да не доживее неуспех, тој нема да биде објавен. Сепак, Лавров изјави дека планот содржи од пет документи.
„Пакетот документи овозможува да се воспостави ефикасна координација уво борбата против тероризмот, да се прошири доставувањето на хуманитарната помош до населението кому му е неопходна, пред сѐ во Алепо, да се зацврсти режимот на прекин на огнот и воопшто да се создадат услови за продолжување на политичкиот процес кој одамна тапка во место“, изјави Лавров.
Шефот на руската дипломатија изјави и дека Дамаск е запознаен со руско-американскиот план и изразил подготвеност за негова реализација. Кери, од своја страна, нагласи дека реализацијата на планот зависи од сириските власти и опозицијата. Лавров призна дека никој не може да даде стопроцентни гаранции дека планот ќе биде реализиран.
Видеото од заедничката прес-конференција на Лавров и Кери можете да го погледнете овде.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче