Според претседателот на САД, тој не е сигурен дека може да ѝ се верува на Москва и евентуалниот неуспех на примирјето во Сирија ќе биде на совеста на руските власти, пренесува РИА „Новости“.
Обама исто така зборуваше и за борбата со „Исламската држава“ и изјави дека е рано за опуштање.
На прашањето дали може да им се верува на Русија и нејзиниот претседател Владимир Путин во сириското регулирање, Обама одговори одречно.
„Не сум сигурен дека можеме да им веруваме на Русија и на Владимир Путин, затоа треба да испитаме ќе можеме ли да постигнеме вистински прекин на борбените дејствија, кој ќе вклучува прекин на воздушните бомбардирања, смрт на цивили и уништувањето кои ги предизвикува режимот на Башар Асад“, изјави Обама во Пентагон по седницата на Советот за национална безбедност. Според американскиот лидер, алтернатива на прекинот на огнот е постојана граѓанска војна.
„Ние јасно кажуваме дека Русија демонстрираше волја за поддршка на режимот-убиец и за конкретно лице, Асад, кој ја уништи својата земја, едноставно за да се задржи на власт“, рече Обама.
„САД сѐ уште се подготвени да работат со Русија за да се намали насилството и да се зајакнат нашите напори против ИД и Ал Каеда во Сирија. Но засега Русија не успеа да ги преземе потребните чекори. Имајќи ја предвид ситуацијата која се влошува, за Русија е време да покаже дека е сериозно настроена за исполнување на тие цели (решавање на конфликтот)“, додаде Обама.
Според него, примирјето во Сирија едвај се одржува, особено во Алепо.
„Нарушувањата на режимот на прекин на борбените дејствија пораснаа до таа мера што примирјето едвај се одржува, особено во северозападниот дел на земјата. Така што треба да се види ќе успееме ли да постигнеме нешто што може да се задржи. Ако не, тогаш Русија јасно ќе покаже дека претставува неодговорно лице на меѓународната сцена кое го поддржува режимот-убиец. Русија ќе мора да одговори за тоа на меѓународната сцена“, заклучи Обама.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче