Олимпискиот комитет одговори на обвинувањата на WADA

Олимпискиот комитет на Русија (ОКР) инсистира на детална истрага на допинг-скандалот и продолжува да ги штити правата на „чистите спортисти“, се вели во изјавата на Комитетот.

Претходно во Торонто беше објавен извештајот на Светската антидопинг агенција (WADA). Шефот на комисијата Ричард Мекларен изјави дека одлуката за манипулации со допинг-примероците ја донел лично заменик-министерот за спорт на Русја Јуриј Нагорни, додека првиот човек на министерството Виталиј Мутко наводно знаел за махинациите.

По објавувањето на извештајот WADA препорача исклучување на спортистите од Русија од меѓународните натпреварувања, вклучувајќи ја и Олимпијадата во Рио де Жанеиро.

Од Олимпискиот комитет на Русија изјавија дека обвинувањата наведени во извештајот треба да бидат целосно истражени. Комитетот истакна дека е подготвен да ја даде неопходната поддршка на стручњаците на антидопинг агенцијата.

Исто така, од ОКР потсетија дека сите обвинувања на адреса на Русија се базираат на зборовите на еден човек – Григориј Родченков.

„Само врз основа на сведочењето на човекот кој се наоѓа во самиот центар на криминалната шема што тој ја создаде, на удар се ставаат не само кариерите и судбините на многубројни чесни спортисти, туку и интегритетот на целото меѓународно Олимписко движење“, се вели во изјавата на Олимпискиот комитет на Русија.

ОКР исто така го критикуваше и ставот на комисијата на Ричард Мекларен, која дозволи исклучување на целата руска репрезентација од Олимпијадата во Рио.

ОКР истакна дека Русија ги поддржува максимално жестоките мерки против спортистите кои употребуваат допинг. Притоа земјата има намера да обезбеди почитување на правата на „чистите спортисти“.

„Оние кои во текот на целата кариера, благодарение на упорните тренинзи, талентот и силата на волјата се стремат да го остварат својот олимписки сон, не треба да зависат од неаргументирани, недокажани обвинувања или криминални постапки на одделни лица. Тоа е нашиот принципиелен став“, се вели во изјавата на ОКР што ја пренесува РИА „Новости“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња