Исинбаева: на ИААФ „можеле да ѝ наредат“ да не ги пушти Русите на ОИ во Рио

Олимписката првенка во скок со стап Елена Исинбаева смета дека некој можеби ѝ наредил на Меѓународната асоцијација на атлетски федерации (ИААФ) да ги спречи руските спортисти да учествуваат на Олимпијадата во Рио.

Активностите на Меѓународната асоцијација на атлетски федерации (ИААФ) против руските спортисти водат кон заклучок дека ИААФ извршува нечија наредба за да ги спречи по секоја цена руските спортисти да учествуваат на Олимписките игри 2016 година во Рио де Жанеиро, смета двократниот олимписки шампион во скок со стап Елена Исинбаева, пренесува РИА „Новости“.

Руската репрезентација во атлетика е исклучена од учество во меѓународни турнири поради дисквалификацијата на Серуската атлетска федерација (ВФЛА) наметната од страна на ИААФ. Советот на ИААФ на 17 јуни ја потврди дисквалификацијата на ВФЛА и исфрлањето на руските спортисти од меѓународни натпреварувања. На 2 јули Олимписки комитет на Русија и 68 руски атлетичари поднесоа тужба во Судот за спортска арбитража (CAS) против ИААФ за нивно учество во меѓународни натпреварувања, а денот на разгледувањето на тужбата е 19 јули.

„Спортистите од другите земји ги бројат деновите до отворањето на Олимписките игри, а ние – до одлуката на Судот за спортска арбитража... Каде оди светската атлетика, кога ќе заврши овој хаос... Никој нема да одговори. Првпат во својата 20-годишна професионална кариера преку суд мора да се бара право да се учествува на Олимпијада. Жал ми е за оние наши млади и надежни спортисти на кои веќе им го одзедоа правото да учествуваат на светското првенство годинава... Чувството е дека на ИААФ ѝ наредиле да не им дозволи по секоја цена... Тажно... А јас денеска ги пречекав мугрите со мисли за судот“, напиша на „Инстаграм“ Исинбаева.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња