„Единствена Русија” потпиша Декларација со политички партии од Балканот

Потписниците на Декларацијата ѝ придаваат особена важност на иницијативата за формирање на простор на суверени неутрални држави со учество на Србија, Црна Гора, Македонија и Босна и Херцеговина.

„Единствена Русија” потпиша меѓупартиска политичка декларација со претставници на политички партии од пет балкански земји: Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Македонија и Бугарија, со кои во последно време активно соработуваше. Ова во понеделникот, 27 јуни, го соопшти заменик-секретарот на Генералниот совет „Единствена Русија” Сергеј Железњак, кој ја потпиша Декларацијата во името на руската страна.

Тој истакна дека за Русија Балканот има огромно историско значење. Во Декларацијата страните ја истакнуваат приврзаноста кон традициите на пријателство и добрососедство, желбата да се „придонесе за зачувување на духовните и хуманитарни вредности, заштитата на христијанските свети места кои се споменици на духовното, културното и историското наследство на светската цивилизација“.

Разгледувајќи ги актуелните проблеми на балканската регионална и европска безбедност, страните ја истакнуваат потребата да се најде заедничко, вонблоковско решение „поаѓајќи од сфаќањето на меѓународната безбедност како единствен простор за соработка и заедничка одговорност за јакнење на стабилноста во Европа и во светот и за борба против меѓународниот тероризам и други современи предизвици и закани“.

Потписниците на Декларацијата сметаат дека е неопходно да се осмисли и реализира политика на „нов детант на меѓународната напрегнатост“. Притоа особено значење за Југоисточна Европа има развојот на иницијативите на низа балкански политичари за формирање на простор на суверени неутрални држави со учество на Србија, Црна Гора, Македонија и Босна и Херцеговина. Овој проект треба да стане стратешка регионална доктрина и во иднина може да биде вклучен во европскиот проект за новата континентална структури безбедност.

Во Декларацијата се истакнува заинтересираноста за развојот на соработката меѓу балканските земји со Евроазиската економска унија, како и за проширување на мултилатералната соработка во трговската, финансиската, енергетската и други сфери.

Според мислењето на потписниците, оваа Декларација претставува почеток на важен процес на отворање на важни перспективи во проширувањето на соработката меѓу Русија, Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија.

Страните ја потенцираат важноста на меѓународната меѓупартиска соработка во рамки на граѓанското општество и изразуваат намера да продолжат да ги зајакнуваат постоечките политички врски.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња