Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков негираше руска вмешаност во хакирањето на базата на податоци на Националниот комитет на Демократската партија на САД, соопштува агенцијата „Ројтерс“.
„Апсолутно ја отфрлам можноста дека владата (на Русија) или владини органи биле вмешани во тоа“, изјави Песков.
Претходно советникот на претседателот на Русија за интернет Герман Клименко истакна дека обвинувањата на адреса на руски хакери се обид за објаснување на слабата заштита на системот со „барање непријатели“.
„Обично таквите протекувања се случуваат не поради тоа што хакерите ги пробиле, туку едноставно некој ја заборавил лозинката или оставил едноставна лозинка 123456. Кога кај нас се случуваат такви инциденти и сајтовите се подложени на DDoS-напади, сите ги обвинуваат противниците. Па, тоа е секогаш поедноставно да се објасни со барање непријатели, отколку со сопствената неспособност“, потенцираше тој.
Службата за односи со јавноста на „Лабораторијата на Касперски“ соопшти дека нема доволно знаци кои укажуваат на јазична и национална припадност за да може да се заклучи за учество на Руси во хакирање на електронската пошта на американси функционери.
Во вторникот весникот „Вашингтон Пост“, повикувајќи се на официјални лица во САД, напиша дека хакери, за кои се претпоставува дека се од Русија, се здобиле со целосен пристап до електронската комуникација и базата на податоци на Националниот комитет на Демократската партија на САД, а исто така ги нападнале и серверите на претседателските кандидати Хилари Клинтон и Доналд Трамп.
Според изворите, станува збор за шпионажа.
Особено изданието тврди дека хакерите го извлекле од серверот на демократите досието на нивниот политички противник Трамп.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче