Владимир Путин ги стави Федералната служба за контрола на прометот со наркотици (ФСКН) и Федералната миграциска служба (ФМС) под капата на Министерството за внатрешни работи (МВР). Покрај тоа, претседателот објави дека се формира нов ресор – Национална гарда на РФ. Таа ќе биде создадена врз база на Внатрешната војска на МВР. Ова беше објавено вечерта на 5 април.
„Одлуката е донесена, создаваме нов федерален орган на извршната власт врз база на Внатрешната војска на МВР, формираме Национална гарда која ќе се занимава со тероризмот, организираниот криминал, во тесен контакт со МВР ќе продолжи да ги извршува оние функции кои ги извршуваа единиците на ОМОН, СОБР итн.“, изјави Владимир Путин на состанокот во Кремљ со раководството на безбедносните структури.
Како што истакна во интервјуто за радиото „Зборува Москва“ (Говорит Москва) претседателот на Координативниот совет на интеррегионалниот Московски синдикат на полицијата Михаил Пашкин, внатрешната војска секогаш била вклучена во зачувување на поредокот.
„Таа ќе се занимава со борба против тероризмот со безбедносно обезбедување на оперативни податоци на ФСБ, МВР и другите оперативни структури. И, очигледно, таа ќе се занимава и со заштита на јавниот ред. Внатрешната војска секогаш била вклучена во тие работи. На МВР ќе му падне голем товар од плеќите. Ако функцијата за обезбедување на јавниот ред ѝ биде предадена на Националната гарда, за МВР тоа ќе биде само подобро“, убеден е Пашкин.
Претседателот на Сојузот на ветерани на разузнавањето Анатолиј Грибанов исто така е убеден дека Националната гарда делумно ќе ја ослободи од задачите полицијата. Ова тој го изјави како коментар за „Комсомолскаја правда“: „Слични структури има во Германија, во САД, во други земји. Одлуката за формирање Национална гарда на РФ е навремена и правилна. Задачите на гардата се заштита на Татковината: од цивилна одбрана до борба со терористите. Ова нова структура делумно ќе ги ослободи од задачите единиците на редовната армија и МВР. Освен тоа, во базата на Националната гарда ќе се обучуваат резервата неопходна за пополнување на војската“.
Генерал на армија Виктор Золотов е познаник со Владимир Путин од 1990-те години и се смета за еден од неговите блиски соборци. Од 2000-201 година тој беше на чело на Службата за безбедност на Претседателот на РФ. Од 2013 година ја вршеше функцијата заменик-командант на Внатрешната војска на МВР Русија, а во мај 2014 година со указ на Претседателот на РФ беше назначен за прв заменик на Министерот за внатрешни работи – командант на Внатрешната војска на МВР Русија.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче