Захарова: Западот води кампања за дикредитација на Русија

Неодамнешните изјави на САД и Франција се дел од информативната кампања за дискредитација на Русија, изјави портпаролот на МНР РФ Марија Захарова.

Портпаролот на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова ги нарече неодамнешните изјави на САД и Франција како дел од информативната кампања за дискредитација на Русија, пренесува „Взгљад”.

Францускиот министер за одбрана Жан-Ив ле Дријан рече дека Москва во Сирија не нанесува удари врз позициите на „Исламската држава“, туку му помага на претседателот Башар Асад уништувајќи ги позициите на „Слободната сириска армија“.

„Токму до тој човек (ле Дријан) беше упатено барање од руската страна да достави информации за тоа каде, според мислењето на западњаците, треба да се гаѓа, поточно, каде се наоѓаат терористите на ИД? На ова прашање не добивме одговор, но затоа редовно на конференциите за печатот и преку медиумите зборуваат што правиме погрешно“, рече Захарова.

По повод пишувањето на „Њујорк Тајмс“ дека руските подморници се „однесуваат агресивно“, портпаролот на МНР РФ рече дека тоа е информативна кампања.

Таа додаде дека „во играта“ за дискредитирање на позициите на Русија „влоговите се високи“.

„На маса се ставени многу нешта. Според сѐ, ставен е угледот на луѓето кои последниве неколку години зборуваа за руска агресија во овој или оној дел на светот. Поради тоа сега во оваа игра, во која влоговите се многу високи, потребно е цело време да се ангажираат реномирани лица кои би го бранеле овој став“, изјави Захарова.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња