„Слободната сириска армија“ ѝ предложи на РФ преговори во Каиро

„Слободната сириска армија“ е подготвена за дијалог со Русија, изјави еден од основачите на ССА Фахд Ал Масри.

Претставници на „Слободната сириска армија“ испратија до Русија предлог за одржување преговори во Каиро, изјави за РИА „Новости” координаторот на сириската „Група на национален спас”, која обединува низа воени и политички лидери на сириската опозиција и еден од основачите на „Слободната сириска армија“ Фахд Ал Масри.

„Како што веќе реков по состанокот со господинот Богданов (заменик-министер за надворешни работи на РФ) во Париз, „Слободната сириска армија“ е подготвена за дијалог со Русија. Мораме да организираме нов состанок за да можеме да го презентираме нашиот став и да разговараме за наши заеднички акции. Заедничкото решение за тоа каков вид на помош Русија може да ѝ обезбеди на „Слободната сириска армија“ можеме да го определиме во екот на преговорите“, рече Ал Масри.

Според неговите зборови, ССА е подготвена да испрати делегација високи претставници на преговорите. „Предложивме да се одржи состанок во Египет, во Каиро, но не добивме никаков одговор. Точни датуми не наведовме, но укажавме на нашата подготвеност за состанок. И мислам дека е во интерес и на Русија, и на „Слободната сириска армија“, а и на сирискиот народ оваа средба да се држи што е можно побрзо“, рече Ал Масри.

Ал Масри во разговорот со руската агенција изрази надеж дека Русија ќе престане да бомбардира дел од сириските покраини, „а особено провинцијата Хомс, затоа што таму има многу единици на ССА. Ако Русија продолжи со бомбардирањето, тоа многу ќе ја ослабне Сириската слободна армија, а ќе им даде сила на терористите и исламистите“.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров претходно изјави дека Русија е подготвена да воспостави контакт со „Слободната сириска армија“ и побара од Вашингтон да достави информации за неа.  

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња