Владата на Русија за поддршка на малиот бизнис на Крим издвои речиси 500 милиони рубли (околу девет милиони американски долари) за период од две години. Освен тоа, на полуостровот е основана слободна економска зона, за која важат даночните олеснувања.
Приносни бизнис-сфери на Крим денес се трговијата и туризмот. Тука се, пред сè, минихотелите, рестораните и туристичките агенции, кои нудат водичи и крстарење по вода. Се развиваат и мали земјоделски стопанства, како и производители на техника. Фирмите по пререгистрацијата почнаа да прават планови за развој на бизнисот, се преориентираа на кримски производи и сега го освојуваат рускиот пазар.
Кримско шато
Во кримските висини, на 20 километри од Севастопољ, се наоѓа винарницата „Uppa Winery“, која произведува мали количества ексклузивни сорти вина. Ова производство во 2007 година го започна московскиот сомелијер и угостител Павел Швец. Тој е уверен дека варовничките кримски полиња и сончевата клима се идеални за производство на суви сорти вино со висок квалитет.
Своето лозје со површина од десет хектари Павел го обработува со биодинамички метод, без примена на хемиски средства. На ова место се наоѓаат и просториите за преработка и подрумот каде што виното се чува во дрвени бочви. Годишно се произведуваат 40 илјади шишиња на кои е наведено географското потекло на виното: Chernaya River Valley, Sevastopol (долина на реката Чорна, Севастопољ). Швец своето вино го продава во ресторани и во специјализирани продавници за вино во Москва, во Санкт Петербург и на Крим. По присоединувањето на Крим кон Русија интересот за неговите вина на рускиот пазар нагло пораснал.
– Беше комплицирано да се добие лиценца, за малото стопанство критериумите се неверојатно строги – се сеќава тој. – Но, кон крајот на 2014 година во законот беа внесени амандмани со кои им се поедностави животот на стопанствата што произведуваат вино од сопствено грозје.
Овој винар е уверен дека на Крим можат да се создадат региони за производство на вино по углед на француските Шампањ и Бордо. Еден ваков регион тој планира да создаде во близина на Севастопољ. Потребно е да заинтересира десетина инвеститори што би сакале да се занимаваат со лозарство и да им набави земјиште погодно за одгледување грозје. За период од пет години во отпочнувањето на малото производство на вино треба да се вложат околу милион рубли (од 50 до 60 илјади долари).
– Засадувањето на еден хектар вино чини еден и пол милион рубли (речиси 24 илјади евра) – објаснува винарот. – Изградбата на објект за преработка чини околу 20 милиони рубли (речиси 320 илјади евра), а уште 15 милиони (240 илјади евра) се потребни за опрема. Исто така, треба да се земе предвид дека до продажбата на првото шише може да помине многу време (на Павел му биле потребни седум години – заб. ред.). За толку долг период на отплата не се исплатува да се земе кредит од банка. Со тоа обично се занимаваат приватни инвеститори што вложуваат сопствен капитал.
Според Павел, инвеститорите треба да го добијат земјиштето под наем под услов на него задолжително да посадат грозје и да изградат сопствен погон за преработка, вклучувајќи и ставање на виното во шише, како и да изградат туристички објекти, со цел стопанствата да можат да организираат екскурзии. Важно е на шишињата да не смее да пишува „кримско вино“, доколку тоа не е добиено од кримско грозје, смета Швец. Овој негов став доби поддршка од премиерот на Русија, Дмитриј Медведев, кој неодамна ја посети винарницата „Uppa Winery“. И градските власти ја поддржаа идејата на Швец, па сега подготвуваат закон со кој ќе се поддржат локалните производители на грозје и на вино.
Уреди за извоз
Една од приоритетните гранки на индустријата во Севастопољ е производството на инструменти и уреди. Тука се користи искуството на советските индустриски гиганти, а, исто така, и научната база на локалниот технички универзитет.
Групацијата „Уранис“ од 2001 година произведува професионална радиоопрема. Купувачи за своите производи главно наоѓаат во странство.
– Додека бевме во состав на Украина, практично севкупното наше производство беше наменето за извоз – вели директорот на компанијата Леонид Каљужни. – Денес компанијата „Уранис“ продолжува да работи за извоз, а новото претпријатие „Уранис-Радиосистеми“ е ориентирано кон руските потрошувачи, вклучувајќи ги и нарачките на Министерството за одбрана.
Во производството на засилувачи на кратки бранови, антени и предаватели учествуваат 80 вработени. Нивните производи ги користат војската и полицијата, службите за обезбедување, дипломатските мисии и амбасадите на многу земји.
– Радиосообраќајот на кратки бранови се користи како резерва, зашто е невозможно да се исклучи, каков што е случајот со сателитскиот сигнал – објаснува Каљужни. – Нашиот пренослив систем обезбедува комуникација за време на вонредни ситуации: поплави, земјотреси, кога сета инфраструктура е уништена. Нашите апарати се користат на Блискиот Исток, во Индиски океан, Јужна Америка и во Југоисточна Азија. Извезуваме само техника за цивилна намена и затоа немаме проблеми.
Од минатата година рускиот пазар е отворен за оваа компанија. Претходно беше тешко да се пласираат производите во Русија, зашто постоеше голема конкуренција, а руските безбедносни сили немаа доверба во украинските производители.
– Санкциите што се однесуваат на производителите од САД и од Австралија денес ни овозможуваат да излеземе на рускиот пазар – вели директорот. – Ние сега почнуваме да се интегрираме во новата средина. Постои заинтересираност за нашите производи, расте побарувачката и во тек е процесот за добивање сертификати и лиценци.
Групацијата „Уранис“ во јуни 2015 година се регистрираше во слободната економска зона во Севастопољ.
За фирмите што се регистрирани во слободната економска зона важат олеснувањата за плаќање данок, нула проценти данок на имот и земјиште, нулта царинска такса на увозна опрема. Компаниите што се регистрирани во слободната трговска зона во текот на првите три години ќе плаќаат 7,6% социјални давачки наместо 30,2%.
– Планираме да заштедиме 500 илјади рубли месечно на социјални давачки за фондот за лични приходи – изјави директорот на „Уранис“. – Очекуваме дека слободната економска зона ќе ни овозможи да заштедиме и на данокот на добивка. Овие средства сакаме да ги инвестираме во развој: во проширување на производството, реновирање згради, купување опрема, зголемување на бројот на работни места и пораст на заработувачката.
Слатко од рози
Отпочнувањето нов бизнис на Крим не е помалку комплицирано одошто во другите региони, велат бизнисмените. Но, постојат и добри страни. Наталија Василева, директор на неодамна отворената компанија за производство на композитна арматура, вели дека во споредба со Москва и со другите популарни региони, тука е многу полесно да се најде соодветен простор, па и киријата е мошне пониска. А, олеснувањата за слободните економски зони во целост ги покриваат трошоците за испорака на стоката со траект.
– Цената на производство е значително пониска кога фирмата е регистрирана во слободна економска зона – смета таа. – Дури и ако производите ги извезуваме во континенталниот дел на Русија, цената, кога ќе се пресметаат транспортните трошоци, сепак и понатаму ќе биде конкурентна.
Новата слаткарница „Tre Gioje“ на главното кримско пристаниште Јалта, исто така е регистрирана во слободна економска зона. Во кафетеријата се продаваат десерти и сладоледи што слаткарницата самата ги произведува од кримски производи. Тука може да се купи и егзотично слатко од латици од ружи, од лаванда и од бели цреши.
– Не ни беше лесно да преминеме на руското законодавство – вели директорката на слаткарницата Јана Крупко. – Поинаков е системот на отворање сметки, на водење документација, даночниот систем. Сето тоа моравме од почеток да го учиме. Од друга страна, ние се регистриравме меѓу првите во слободната економска зона и ги почувствувавме предностите од неа, меѓу другото и во поглед на царинските процедури за опремата што ја увезовме од Европа.
Оваа угостителка признава дека на почетокот слаткарницата имала тешкотии со набавката на млеко, зашто превозот со траект не се исплатува и трае долго. Денес 400 килограми сладолед дневно се прават исклучиво од кримско млеко, а производите на оваа слаткарница се продаваат само во регионот.
– Имаме договор со земјоделските стопанства на Крим и во целост сме задоволни од квалитетот – вели Крупко. – Ни недостасува уште кај нас на Крим да започне производство на меки сирења, какви што се маскарпоне и моцарела – додава таа.
Испораката на овие видови сирења на Крим е прекината по воведувањето ембарго, па затоа кафулињата и рестораните преминаа на руски производители. Со зголемувањето на побарувачката, се зголеми и понудата. Во Севастопољ веќе наесен се отвора фабрика за производство на рикота и на моцарела.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче