Зошто Русија ја одложува приватизацијата на нафтените компании

Ројтерс
Руските власти не ја исклучуваат можноста за одложување на приватизацијата на државните пакети во нафтени компании „Роснефт“ и „Башнефт“, а поради тоа може да се зголеми дефицитот во државниот буџет за 2017 година.

Руската влада ќе ја одложи приватизацијата на една од најголемите нафтени компании во земјата – „Башнефт“ од септември - октомври 2016 година за подоцнежен рок. Ова го изјави првиот вицепремиер на Русија Игор Шувалов, вели рускиот бизнис весник „РБК-Daily“. Згора на тоа, досега во владата не е внесена ниту една пријава за приватизацијата на 19,5% од капиталот на „Роснефт“, најголемата нафтена компанија во земјата - ниту од руски, ниту од странски играчи, соопштува „РБК“, повикувајќи се на сопствени извори од кабинетот на министрите. Според податоците на весникот и оваа зделка тешко дека ќе се реализира во 2016 година. „Стратешката причина за одложувањето на приватизацијата е слабата конјунктура на нафтениот пазар и нејасните причини за привлекување на приватни инвеститори“, вели Сергеј Хестанов, советник за макроекономија на генералниот директор на компанијата „Откритие Брокер“.

Причини за одложувањето

Игор Шувалов објасни дека за пакетот акции на „Башнефт“ има реални претенденти, меѓу кои е и најголемата приватна нафтена компанија во Русија „Лукоил“, самата „Роснефт“ и Независната нафтено-гасна компанија, која му припаѓа на поранешниот претседател на „Роснефт“ Едуард Худајнатов. По нарачка на Владата групата Ernst & Young го оцени државниот пакет на нафтената компанија на 306 милијарди рубли (4.8 милијарди американски долари). Оваа проценка сепак беше оспорена од Рустем Хамитов, гувернер на рускиот регион Башкортостан во кој работи „Башнефт“. Според зборовите на Хамитов државниот пакет може да се продаде поскапо. Тој упати и обраќање по овој повод до рускиот претседател Владимир Путин. За споредба за 19.5% од акциите на „Роснефт“ државата планира да добие не помалку од 700 милијарди рубли (10.9 милијарди американски долари).

„Причината за одложувањето на приватизацијата на Башнефт најверојатно се крие во тоа што државата и потенцијалниот купувач едноставно не се договориле. Главен кандидат за купување на државниот пакет на Башнефт е Лукоил“, вели Станислав Вернер, потпретседател на IFC Financial Center. Според него, од гледна точка на развојот на конкуренцијата и исполнувањето на целите за намалување на државните долгови во економијата тоа била оптимална опција, но на Лукоил не му се допаднала цената понудена од инвестицискиот консултант, и тој не сакал да плати. „Решението би можело да е предизвикано од фактот што во жешката пресметка за средствата се вклучија Лукоил и Роснефт“, согласна е Анастасија Игнатенко, аналитичар од ГК TeleTrade. Претходно шефот на најголемата приватна нафтена компанија Вагит Алекперов рече дека цената за „Башнефт“ е надуена.

Главни последици

Комплексноста на создадената положба доаѓа оттаму што продажбата на акциите на Роснефт и Башнефт е основен услов за врзувањето на државниот буџет за 2017 година при дефицит од 3% од бруто домашниот производ (БДП).

Според Сергеј Хестанов начините да се постигне буџет со дефицит од 3% од БДП без приватизација на компаниите се два: прво, да бидат намалени државните расходи, и второ - да се активираат резервите, а најверојатно ќе бидат имплементирани и двата пристапа.

„Нема причина да очекуваме радикално подобрување на конјуктурата на нафтениот пазар во преостанатите месеци, а планот да се контролира дефицитот на ниво 3% од БДП ќе треба некако да се исполни“, предупредува Станислав Вернер. Затоа, според неговите зборови, останува да се најде компромис меѓу цената и правата кои ги добиваат стратешките азиски инвеститори при купувањето на пакетот на Роснефт. Претходно кинески инвеститори изјавија дека пројавуваат интерес за договорот, само под услов да учествуваат во управувањето на компанијата.

Ако приватизацијата е одложена, тогаш не е јасно како ќе биде пополнет буџетот за 2017 година, вели Иван Капитонов, доцент во Факултетот за корпоративно управување при Руската академија за народно стопанство и јавна администрација. Според него, најверојатно е дефицитот во буџетот да се зголеми од планираните 3% на 5%. При таква ситуација алтернатива може да биде ослабувањето на рубљата: при понизок курс на националната валута буџетот ќе добие повеќе средства од продажба на нафта и гас во однос на доларот, додава тој.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња